Бизнис
27. January 2021 - 20:02

Подобра законска усогласеност и поголема институционална ефикасност неопходни за заштита на животната средина

Усогласеност на законите, поголем буџет за заштита на природата, функционални институции со соодветен кадар и поголема контрола на терен. Ова се клучните забелешки на експертите за политиките и справувањето со проблемите од областа на животната средина.

„Нам ни е главно проблем и со законите воопшто, не само со законите кои се однесуваат на заштита на животната средина, примената на законите, слаби институции, неповрзани институции, институции без интегритет, корумпирани институции итн., каде што очигледно ќе мора да се направат длабоки резови за институциите да почнат да ги применуваат законите онака како што словото на законот им налага. И исто така недостига и континуиран мониторинг на примената на законите”, вели академик Владо Камбовски.

Познавачите велат дека не е мал делот што државата го одвојува од буџетот за животната средина, но проблем гледаат во распределбата на парите и реализацијата на планираните проекти.

„Буџетот што Македонија го одвојува во последните години воопшто не е низок. Бележиме еден тренд на зголемување на буџетот на годишно ниво. Меѓутоа се појавува една друга специфична карактеристика дека со ребалансот во голем дел, можеби една третина од буџетот, се намалува. За тоа може да има две причини. Или е лошо проектиран буџетот на годишно ниво, или не се обрнува доволно внимание на проблемите на животната средина”, вели Никола Јовановски од Центар за правни истражувања и анализи.

Според експертите, заштитата на животната средина и грижата за здравјето треба да се дел од формалното образование, со цел да се зголеми свеста за околината. Очекуваат државата да посвети многу поголемо внимание на заштитата на природата, да има поголема контрола, но и поригорозни казни.