Балкан
10. October 2023 - 14:01

Поднесено обвинение против родителите на Коста, на чаура пронајдена ДНК од мајката

Обвинителството покрена обвинение против родителите на Коста К., кој го изврши масакрот во белградското училиште „Рибникар“. Обвинение има и за вработените во стрелиштето, каде што доаѓал Коста со татко му и учел да пука. Оттаму бараат затворски казни за родителите.

Во случајот што ја потресе Србија, покрај родителите на момчето убиец, за лажно сведочење се обвинети и сопственикот на стрелиштето и вработената во стрелиштето.

Обвинителството бара казна од 12 години за Владимир Кечмановиќ, две години и шест месеци за мајката и три години за работниците во стрелиштето.

Обвинителот изнесе повеќе детали за масакрот и за тоа што се случувало претходно. Како што рече Стефановиќ на прес-конференцијата, постои оправдано сомнение дека обвинетиот Владимир Кечмановиќ во периодот од една година пред трагедијата, го учел својот 13-годишен син да пука во цели, во вид на концентрични кругови и силуети на луѓе, да ја полни рамката со муниција, како да стои и да дише при употреба на огнено оружје.

„ Во три наврати го однел во стрелачкиот клуб „Партизан практично стрелање“ и еднаш на отворен простор во етничкото село „Гостољубје“ во Мионица и покрај тоа што таквата активност и тренинзи не одговараат на возраста на неговиот син“ – рече Стефановиќ.

Исто така, се сомнева дека пријавениот постапил спротивно на одредбите од Законот за оружје и муниција и Правилникот за просторно-технички услови за безбедно чување на оружјето и муниција.

Мајката на момчето, Миљана Кецмановиќ е обвинета за кривично дело Недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материи.

„Таа е обвинета затоа што неовластено поседувала муниција со оглед на тоа што во истрагата на еден од куршумите за пиштолот „Чешка збројевка“ е пронајдена нејзина ДНК трага… поточно на чаурата која била пронајдена покрај вратата во училишницата по историја“ рече главниот обвинител на Вишото јавно обвинителство, Ненад Стефановиќ.