Свет
8. August 2017 - 10:50

Подметнати пожари и уништени возила при протести во Белфаст

Во големите и насилни протести што избувнаа доцна синока во Белфаст се опожарени и уништени една напуштена зграда и десетина автомобили, но засега нема извештаи за жртви, соопшти денеска полицијата на Северна Ирска.

Немирите започнале во западниот дел од Белфаст, каде живеат католици, но подоцна се префрлиле и во делови од источните квартови на северноирскиот главен град, населени со протестанти.

Протестите беа организирани откако властите ги отстраниле материјалите за планираниот логорски оган на група млади републиканци-националисти, со образложение дека тој може да предизвика преголем и пресилен оган и би бил закана за зградите и за луѓето кои таму живеат.

Групата млади католици прво почнале да подметнуваат пожари, а потоа да ги уништуваат паркираните возила со камења и истурајќи боја врз нив.

Интервенирала северноирската полиција, при што дошло до судир со насилните демонстранти кои полицајците ги гаѓале со „молотови коктели“, камења и тули.

Сите партии во Северна Ирска, вклучувајќи ја и католичката републиканска Шин Феин, остро ги осудија синоќешните настани и „непотребното насилство“ на улиците.

Претставник на локалната партија Алијанса изјави дека постапката на младите републиканци е „сосема нерзбирлива“, затоа што одлуката за одземање на материјалот за логорскиот оган била донесена со согласност на сите партии и од редот на католиците и на протестантите.

Во делови од Северна Ирска каде живеат католици, традиционално се организираат логорски огнови за да се одбележи годишнината од воведувањето на посебниот закон со кој британските власти можеа да апсат и да задржат во притвор осомничени лица без да бидат судени.

Овој британски закон стапи во сила на 9 август 1971 година во време на судирите меѓу католиците и протестантите во Северна Ирска.