Македонија
23. March 2016 - 14:55

Поддржан предлогот за продолжување на кризната состојба на јужната и северната граница

Собраниската Комисија за одбрана и безбедност на денешната седница по двочасовната расправа е со став дека треба да се прифати Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење кризна состојба заради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Македонија и по 15 јуни, до 31 декември.

Министерот за одбрана Зоран Јолевски во образложението нагласи дека Предлог-одлуката е донесена врз основа на Извештајот по направена детална анализа за состојбата на јужната и северната граница, како и за движењето на мигрантите од страна на групата за проценки.

Пратеничката група на ДУИ, нагласи координаторот Талат Џафери, е против донесување одлука за пролонгирање на кризната состојба и по 15 јуни бидејќи, како што рече, не е предвидена таква можност во Законот за управување со кризи, а од друга страна постои доволно време да се види како во практиката ќе функционира постигнатиот договор ЕУ - Турција.

Според Талат Џафери, неспорно е учеството, односно ангажирањето на дел од Армијата во справувањето со кризната состојба на јужната и северната граница, но спорно е тоа што не се пропишани од страна на Претседателот на Република Македонија надлежностите и активностите на АРМ.

Пратеникот Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека Европа и ЕУ потенцираат дека се наоѓаат пред најголемиот предизвик и криза од 1945 година наваму. Низ Република Македонија, посочи тој, поминаа над стотина илјади луѓе, а сето тоа има и безбедносен аспект, односно говори и за изложеноста на Македонија на ризици.

- Ако сакаме да бидеме одговорни пратеници и политичари треба да гласаме за пролонгирање на кризната состојба затоа што во 2016 можеби мигрантско-бегалската криза ќе се намали, но останува и можноста да стане поинтензивна, рече Ѓорчев и потенцира дека граѓаните очекуваат и АРМ и полицијата да ја споделат грижата за безбедноста на државата.

И пратениците Иван Сојилковиќ и Павле Трајанов сметаат дека има потреба од донесување на Предлог-одлука за пролонгирање на кризната состојба, но, како што рекоа, треба да му се укаже на Претседателот на РМ како врховен командант со некаков законски акт да ги прецизира надлежностите на АРМ.

На крајот од расправата министерот за одбрана Јолевски ги информира пратениците дека Претседателот на РМ веќе има донесено одредба за надлежностите на АРМ во кризна состојба.