Македонија
13. April 2021 - 12:27

Почнуваат рамазанските пости - битолскиот муфтија повикува на одговорно празнување

Рано утрово започна рамазанскиот пост за верниците од исламска вероисповед кој трае 30 дена и завршува на 12 мај. Бидејќи и оваа година како и минатата, Рамазан се дочекува во време на пандемија, верниците нема да можат слободно да ги извршуваат сите обреди во џамија, рече битолскиот муфтија.

- Ќе бидеме принудени поради здравјето, поради општото здравје на верниците и на сите граѓани во Битола да не присутвуваме на заеднички Ифтари, да не бидеме заедно во џамија не вечерните молитви, а сето тоа ќе биде со една цел да се заштитиме од ковид-19. Обредите ќе се извршуваат пред полицискиот час, според мерките кои ги имаат предвидено надлежните институции. Во џамиите верниците ќе бидат на дистанца, со примена на мерки за дезинфекција, рече Амит Расимовски, битолски муфтија

Во однос на мерките, муфтијата упати апел до верниците:

- Да бидат што повнимателни бидејќи пандемијата не познава ни вера ни нација, а гледаме колку луѓе се разболуваат, и млади и возрасни и многу животи се одземени. Со молба до возвишениот господар, овие денови во овој месец да бидат последни кој ќе ги поминеме во пандемија и после ова да започнеме да живееме нормален живот, како пред оваа пандемија, рече Рсимовски. 

По рамазанскиот пост, на 13 мај е Рамазан Бајрам, кој се празнува три дена.