Почнува Меѓународниот семинар за македонски јазик во Охрид
Осумдесет стипендисти од 17 држави ќе бидат дел од годинешниот Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура кој по 49-ти пат во Охрид го организира Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје.
Од денеска до 26 јуни македонските и странските експерти пред учесниците на летната школа ќе ги презентираат своите најнови истражувања од областа на македонистиката. Учесници на семинарот се странски студенти од прв циклус студии кои го слушаат предметот македонски јазик во рамки на студиските програми на своите универзитети, потоа студенти на втор и трет циклус студии кои во своите истражувања проследуваат теми во врска со македонскиот јазик, литература и култура, како и научни работници и универзитетски професори кои истражувале или истражуваат проекти од областа на македонистиката.
Наставата на семинарот се одвива на македонски јазик, а предвидува секојдневни активности на учесниците насочени кон изучувањето на македонскиот јазик преку лекторски курсеви поделени според степенот на познавање на јазикот.
Инаку, оваа година се одбележуваат повеќе значајни јубилеи меѓу кои 1100-годишнината од смртта на св. Климент Охридски основоположникот на Охридската книжевна школа, 70 години од објавувањето на првата граматика на современиот македонски јазик и 70 години од објавувањето на првите книги за деца на современ македонски јазик. Дел од тематските предавања се однесуваат токму на посочените теми, што ќе ги водат универзитетски професори и истакнати научни работници од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Покрај предавањата, учесниците во попладневните термини ќе ги следат курсевите по избор кои ќе ги раководат специјалисти од соодветните подрачја, а преку нив учесниците ќе можат поконкретно и интерактивно да се запознаат со најновите истражувања што се предмет на нивниот интерес.
Поголемиот дел од учесниците добиваат стипендии од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, потпомогнат од Министерството за култура при Владата на Република Македонија.
Инаку, во рамки на Семинарот на 25-ти и 26 јуни ќе се одржи и 43-та Меѓународна научна конференција.
Ново на Сител
-
Почната постапка за промена на повеќе закони за ставање во функција на системот „Безбеден град“
-
Руски напади со дронови врз повеќе места во Украина, Киев гаѓаше цели во јужна Русија
-
Трамп го потпиша „Големиот прекрасен закон“
-
Тошковски: Секој кој се осмелил да краде од народот ќе се соочи со одговорност
-
Додик сослушан во Обвинителството на БиХ во Сараево, притворот му е укинат
-
Мицкоски: Расте македонскиот извоз, повеќе пари за граѓаните
-
Трамп: Путин е свесен дека се можни нови американски санкции
-
Најмалку 24 загинати во поплавите во Тексас, меѓу нив и деца