Почна собраниската седница за пратенички прашања
Во Собранието претпладнево почна седницата на чиј дневен ред е точката за поставување пратенички прашања.
На почетокот од седницата, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски со процедурална забелешка го повика премиерот Димитар Ковачевски да ги опомене министрите во Владата, поради, како што кажа, „несериозниот однос бидејќи во моментот на седницата се присутни седум министри и три заменици министри, а само од еден министер е стигнат допис дека ќе отсуствува“.
– Јас сум лично навреден и барам денеска да бидат присутни сите министри, а премиерот Ковачевски да ги опомене сите негови министри. Со ова го покажувате односот кон Парламентот, граѓаните и вашето почитување кон овој законодавен дом. Вие треба да побарате министрите да бидат тука. Во текот на денешниот ден да ги повикате сите да дојдат и да бидат присутни, бидејќи највисока форма на деморкатија е одговарање на пратенички прашања од пратениците кои главно доаѓаат од граѓаните, нагласи Мицевски.
Собранискиот спикер Талат Џафери одговори оти со актот на повикување на седницата за денеска, пред една недела едновремено е пуштена покана до премиерот и до секој министер во Владата.
– Јас не сум курир да трчам по министрите. Секој има своја одговорност. Министерот Љупчо Николовски навремено извести дека е спречен да присуствува на седницата и тоа легитимно и легално согласно Деловникот, рече Џафери.
Според редоследот, прв кој поставува пратенички прашања е пратеникот Драган Ковачки од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Ваква пленарна седница вообичаено се одржува секој последен четврток во месецот, а согласно практиката, први прашања на премиерот и министрите им поставуваат пратеници од опозицијата.
Ново на Сител
-
Мисајловски: Ќе ги скратиме непродуктивните трошоци, за пензионерите ќе има 5.000 денари покачување на пензиите
-
Во Украина 50.150 лица се водат како исчезнати
-
ОН: На Хаити е катаклизмична ситуацијата
-
Бела куќа: САД испратија писмено предупредување на Русија за нападот во Москва, бесмислица е тврдењето за вмешаност на Украина
-
МЗШВ: Со измените во Законот за стокови резерви, оризовата арпа се вбројува во листата на стратешки култури за државата
-
ВМРО-ДПМНЕ ги потврди листите за пратеници
-
Зеленски: Русија планира голема офанзива во наредните месеци
-
18-годишен тетовец украл автомобил, па направил сообраќајка