Македонија
23. December 2015 - 16:07

Почна проширувањето на булеварот „Србија“ до улицата „Христо Татарчев“

Булеварот „Србија“ ќе се проширува и реконструира од кружниот тек кај Цементарница Усје до улицата „Христо Татарчев“. На крајот од булеварот ќе се изгради нов кружен тек меѓу булеварот „Србија“ и улиците „Христо Татарчев“ и „Христо Татарчев крак 2“.

Почетокот на градежните работи денеска го означија градоначалниците на Град Скопје и на Кисела Вода Коце Трајановски и Билјана Беличанец - Алексиќ.

- Булеварот „Србија“ ќе се реконструира и проширува, со вкупна должина од 868 метри. Ќе се оформат четири сообраќајни летни со ширина од 3,5 метри. Новата траса од десната страна ќе има странично зеленило со ширина од 1,5 метри и пешачко-велосипедска патека со ширина од 3 метри, додека од левата страна ќе има пешачка и велосипедска патека со променлива ширина. Новиот булевар ќе има средишно зеленило со ширина од 2 метри, рече Трајановски. 

На крајот од новиот булевар ќе има и кружен тек, кој ќе се формира меѓу булеварот „Србија“ и улиците „Христо Татарчев“ и „Христо Татарчев крак 2“, со дијаметар од 36 метри. Тој ќе се состои од 2 сообраќајни летни со ширина од 4,75 метри и пешачка патека.

- Како дел од изведбата на новиот кружен тек, ќе биде извршена реконструкција и проширување на улиците „Христо Татарчев" и „Христо Татарчев крак 2“, на деловите каде ќе влегуваат или се приклучуваат во новиот кружен тек. Целокупната должина на новиот реконструиран и проширен коловоз со целосната реализација на овој инфраструктурен проект изнесува околу 1.400 метри, рече градоначалникот Трајановски.

Градоначалничката Беличанец - Алексиќ рече дека со реализацијата на овој проект ќе се добие ново, квалитетно сообраќајно решение базирано врз потребите на граѓаните.

- Намалувањето на сообраќајниот метеж посебно ќе го почувствуваат жителите на Припор, но и сите преостанати чие секојдневие се одвива во овој дел на градот. Подобрениот сообраќаен проток ќе значи олеснета комуникација меѓу општините Аеродром, Сопиште и Гази Баба, рече Беличанец - Алексиќ. 

Преку изградба на пешачки и велосипедски патеки, како што рече, овој проект ќе им донесе сообраќајна рамноправност на пешаците и велосипедистите, а предвидената изградба на нова атмосферска канализација на улицата „Христо Татарчев” ќе помогне со справувањето со атмосферските води кои по поројните дождови се слеваа од Сопиште.

Новиот булевар и кружен тек ќе добијат ново улично осветлување, каде ќе се постават 87 столбови со висина од 8 метри и 102 светилки од 250 вати.

Вкупната сума за реализацијата на овој проект изнесува 98 милиони денари. Изведувач на градежните работи е „Бауер БГ“, а рокот на изведба е 20 месеци.