Македонија
18. јуни 2024 - 16:31

Почина Стојан Андов, првиот претседател на Собранието на Македонија

На 89г. возраст почина Стојан Андов. Првиот претседател на Собранието на самостојна и суверена Република Македонија остави свој  белег со повеќедецинското општественствено и политичко делување. Андов е роден во Кавадарци каде го завршил своето основно и средно образование, дипломирал на ЕКономскиот факултет во Скопје а магистрирал во Белград. Тој извршувал функции и членувал во повеќе собори на екс Југославија а беше и член на федералната влада. Андов ја извршуваше функцијата претседател на Собранието во три мандати а седниците ги водеше со својот препознатлив стил по кој ќе го паметат пратениците.

На првите повеќепартиски избори во Македонија е избран за пратеник а подоцна и во неколку наредни избори. Тој беше и кандидат за претседател на државата во 1999г.

По атентатот на претседателот Киро Глигоров тој привремено ја вршеше и неговата функција. Години подоцна Андов напиша  книга насловена „До атентатот и по него“ во која раскажа важни настани кои ја разбрануваа јавноста. Книгата беше забрената извесно време поради тужба а потоа апелациониот суд ја укина пресудата и повторно беше вратена во продажба. Андов како висок функционер беше сведок на многу важни настани за Македонија за што издаде повеќе книги.  Пред две години беше одликуван од претседателот Стево Пендаровски со Орден 8ми септември за особен придоне во создавањето на самостојна Македонија.

Во јавноста беше познат како експерт и добар познавач на економските прашања, политичар ориентиран на пазарната економија. Андов бил 4 амбасадор на поранешна Југославија во Ирак. Тој беше основач и лидер на Либералната партија која ја предводеше се до нејзино припојување со Деморкатската партија. Во последните години од својот живот поретко но се појавуваше со гостувања во разни дебатни емисии и интервјуа во кои ги анализираше, отворено ги коментираше и критикуваше сите важни политички потези на функционерите во државата.