Свет
21. January 2017 - 14:48

ОН побараа 550 милиони долари за помош на Авганистан

Обединетите нации побараа денеска хуманитарна помош во вредност од 550 милиони долари за Авганистан, која и е потребна на една третина од популацијата во оваа земја.

ОН сметаат дека оваа година ќе биде потребна помош за 9,3 милиони луѓе, што е 13 отсто повеќе во однос на претходната година.

До зголемување на бројот дојде бидејќи од Авганистан луѓето заминуваа поради судирите меѓу владата и талибанците, како и поради бројот на бегалците кои во Авганистан се вратија од Пакистан.

- Моментната состојба во Авганистан ги обврзува ОН да ја повикаат меѓународната заедница да им помогне на голем број Авганистанци, чии животи се загрозени, нагласи хуманитарниот координатор на ОН, марк Бауден.

Според податоците на ОН, повеќе од половина милион Авганистанци ги напуштиле своите домови поради конфликтот во текот на минатата година, а над 600.000 бегалци биле принудени да се вратат од Пакистан и Иран.