Џет-Сет
30. January 2018 - 13:55

По децениска потрага Ѓоко Танески ја пронајде својата сестра

По децениска потрага, познатиот македонски пејач Ѓоко Танески пред седум години ја пронајде својата сестра Елена Соколова. Со двајцата браќа ја барал од моментот кога дознале дека имаат сестра. Сега се поголемо и побогато семејство. Среќни се. Редовно се дружат, блиски се. И Ѓоко и Елена велат дека може да ги разберат многутемина што преку социјалните мрежи си ги бараат биолошките родители, роднини, оставените деца… Тоа е потреба, порив, велат. Не се опишува лесно со зборови и целосно може да го разбере само оној што го почувствувал, неговата приказна Ѓоко ја раскажал за Бриф.мк.

– Тoгаш, по 10 години, ми дојде срцето на место – вели Ѓоко.

Првпат дознал дека има сестра на 21 година, кога починал татко му. Елена тогаш имала 32 години. Му кажала тетка му, по еден ден откако го погребале татко му.

– Планирала да ми каже. Елена ни е сестра и по татко и по мајка, а се родила додека не биле во брак. Поради низа околности, не можеле да го чуваат девојчето и го дале во Домот за доенчиња и мали деца во Битола. По една година отишле да си го земат, но тоа веќе било посвоено. Не им давале никаква информација за него, иако упорно барале – вели Ѓоко.

Откако дознал дека има сестра, разговарал со мајка си.

– Веднаш ми потврди. Тоа се тешки разговори, многу емотивни и вознемирувачки. Ми ја раскажа приказната во која се судираат многу фактори, па и менталитетот и традицијата меѓу нив. Со браќата почнавме со потрага, но немаше резултати – вели Ѓоко.

„Снемував воздух“

Дека сестрата му живее во Богданци, Ѓоко дознал по 10 години, во 2011 година. До информацијата стасале случајно, преку познајници, по што се поклопиле сите податоци што ги знаеле. Откако Елена се согласила да се слушнат, Ѓоко веднаш ја побарал.

– Првата средба… Излегував од просторијата за да земам воздух зашто ми снемуваше додека седевме. Замислете која е среќата кога ќе си ги запознаеш и сестрата и двете внучиња, кои веќе беа момче и девојка – раскажува Ѓоко.

За Елена, на мајка си ѝ кажале откако браќата се запознале со неа.

– Не ѝ кажавме дека ја бараме, но мислам дека претпоставуваше. Сакавме да ја поштедиме од стресот. Сестра ми, со децата и со сопругот, веднаш ни дојде во посета во Охрид и се запознаа – вели Ѓоко.

Знаела дека е посвоена, но не зборувала за тоа

Елена знаела дека е посвоена, но таа информација не ја добила од родителите и со нив никогаш не разговарала за тоа. Кога ѝ се јавил Ѓоко, татко ѝ веќе бил починат.
– Знаете како е во малите места, жените зборуваат, децата слушаат… Мала бев, си игравме надвор и ми кажа другарче. Не разговарав со родителите за тоа. Ме копкаше, сакав да знам, па на моменти си велев дека не сакам… Сето тоа не е баш едноставно. Сакаш да знаеш кои ти се биолошки родители, па анализираш што ќе биде ако прашаш, дали ќе ги повредиш родителите, што ќе ти кажат… Многу измешани емоции и стравови, а сакаш. Сум разговарала и со пријатели. Куп различни размислувања. Комплицирано е многу, верувајте – вели Елена.

„Елена, овде е Ѓоко, твојот брат“

Кога братот ѝ се претставил на телефон, молчела некое време. Потоа договориле средба.

– Ми кажа: „Елена, овде е Ѓоко, твојот брат“. Ми значеше тоа.

Првата средба поминала со многу солзи радосници, гушкање, долги муабети.

– Одеднаш невозможното стана реалност. Си ги запознав браќата и дојде време да ја видам и мајката. Никогаш не сум ја осудувала. Верувам дека сè се случило со причина – раскажува.

Извор:Бриф.мк