Балкан
17. November 2016 - 11:03

Плевенелиев иницира дијалог за излез од политичката криза во Бугарија

Бугарскиот претседател во заминување Росен Плевнелиев денеска започна консултации со парламентраните партии за изнаоѓање излез од политичката криза во која западна Бугарија по оставката на Владата на премиерот Бојко Борисов.

Како што јави БТА, Плевнелиев планира следната недела да свика и заседание на Консултативниот совет за национална безбедност, на кое политичките сили и законодавната и извршната власт ќе се обидат заеднички да најдат излез од кризата.

Според најавите од Кабинетот на Плевнеливе, по заседанието на Советот, тој ќе ја започне уставната постапка за определување на мандатар за состав на нова влада.   

Плевнелиев денеска се сретна со премиерот во оставка и лидер на партијата Граѓани за европски развој на Бугарија  (ГЕРБ), Борисов и со шефот на Пратеничката група на ГЕРБ, Цветан Цветанов. За утре е предвидена негова средба со претставници на најголемата опозициска сила, Бигарската социјалисичка партија (БСП), а за следната недела и со делегации на останатите шест парламентарни партии и коалиции.

По средбата со Борисов и Цветанов, Плевнелиев изјави дека тој дејствува на ист начин, како и при двете слични политички кризи во текот на неговиот мандат, базирајќи се на „Уставот и владеењето на правото и законите“. 

Тој нагласи дека цел на консултациите е да се утврди дали со сегашниот распоред на силите во Народното собрание, ќе биде можно да се постигне договор за формирање нова влада.

- Доколку тоа не е можно, ќе разговараме за потенцијалните разумни датуми за одржување на (нови) избори. Пред тоа треба да утврдиме кои се важните и неодложни обврски на Парламентот, пред да одиме на предвремени парламентарни избори, рече Плевнелиев. 

Владата на Борисов поднесе оставка во понеделникот, откако во вториот круг на претседателските избори во неделата, за нов престедател на Бугарија беше избран независниот кандидат Румен Радев, кој беше поддржан од БСП. Во вториот круг Радев ја победи кандидатката на ГЕРБ и актуелен претседател на бугарскиот Парламент, Цецка Цачева.