Македонија
29. May 2024 - 20:29

Писториус ја поздрави обуката на украински војници на системи Патриот

Обуката на украински војници на системи за противвоздушна одбрана Патриот во Германија е важен придонес за поддршката на Украина во нејзината одбрана од Русија, изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус.

– Системите за противвоздушна одбрана се она од што Украина во моментов најмногу зависи, рече Писториус денеска за време на посетата на воената база за обука во северна Германија.

Според него, обуката на украинските војници од страна на Бундесверот е важен знак за Украина дека Германија стои на нејзина страна.

Како што пренесе ДПА, на Писториус на лице место му беше покажана ситуацијата со тренингот во симулатор Патриот. Обуката се одвива на единица од вооружениот систем. Покрај фрлачите од кои се истрелуваат проектилите, тука спаѓаат и радарска единица и област за контрола на огнот во која војниците ги контролираат мисиите.

Шефот на украинската единица што се обучува рече дека тоа може да се направи толку ефикасно само надвор од Украина. Тој смета дека нема многу смисла обуката да се пресели од Германија во Украина.

– Ова функционира многу подобро во мирна земја. Нема место во Украина што е безбедно, рече воениот офицер, кој сакал да остане анонимен.

Досега Германија и обезбеди на Украина два системи Патриот и придружни ракети. Третата единица и е ветена на Украина и наскоро треба да биде испорачана. Според Писториус, тоа е направено со иако се знае дека Германија на тој начин би се откажала од една четвртина од своите капацитети „Патриот“.

Но, пред неколку недели веќе беше склучен нов договор за набавка. Испораките треба да почнат во 2026 година за Германија да се врати на потребното ниво.

Писториус беше внимателен во врска со дискусијата на Украина да ѝ се дозволи да користи оружје доставено од Германија за да гаѓа цели на руска територија.

– Треба да биде јасно во интерес на воената тактика и стратегија дека не треба јавно да разговараме за тоа што е можно, што е дозволено и што би сакале да видиме или не, рече тој.