Македонија
15. April 2021 - 19:51

Петтиот пакет мерки и денеска не доби место на дневниот ред во Собранието

Донесување на петтиот пакет економски мерки останува неизвесно. Овие точки не се најдоа на дневен ред на денешната пленарна седница, а по вчерашната координација нема ниту најави кога спикерот Џафери ќе закаже ваква седница. 

ВМРО-ДПМНЕ втор ден по ред бара носењето на економската помош за граѓаните и фирмите да биде приоритет. Обвинува дека во период кога речиси 16.000 граѓани чекаат плата, а голем број фирми помош од државата, власта игра политички игри без граници.

Пратеничките групи на СДСМ и ДУИ пак прстот го вперуваат кон опозицијата. Тврдат дека иако ВМРО-ДПМНЕ го одблокирала процесот за 5-тиот пакет мерки, се уште блокира други закони.

Законските решенија кои предвидуваат финансиската помош за граѓаните и за фирмите за месеците февруари и март, по доцнење од речиси два месеци, вчера поминаа на собраниските комисии за финансисрање и буџет и законодавно-праваната комисија, но за тие да станат реалност потребно ќе биде да добијат поддршка и на пленарна седница.