Македонија
24. February 2020 - 16:47

Петтемина од повредените во Романовце во тешка здравствена состојба

Во многу критична состојба и на апарати за дишење се пет лица од шестемината повредени во вчерашната експлозија на плинска боца во кумановско Романовце. Тројца се хоспитализирани во Старата градска болница. Меѓу нив за живот се борат 10 годишно дете кое има изгореници на 70 проценти од телото и жена на 28 години која е во седмиот месец од бременоста.

- Во текот на вчерашниот ден во Клиниката примени се тројца пациенти од кои една пациентка е на возраст од 31 година со 80 проценти изгореност на површината на телото со трет степен изгореници, која е во крајно тешка состојба и е на механичка вентилација, со изгореници на дишните патишта. Втората пациентка е на возраст од 28 години со 25 проценти изгореност на површината на телото со втор степен изгореници, кај која отежнителна околност е што е бремена во седми месец. Вчера и е направен конзилијарен преглед од гинеколог и констатирана е состојбата на плодот и како ќе се одвива натаму ситуацијата е неблагодарно сега прогноза да даваме, рече д-р Љубен Арсенков, директор на Клиниката за хируршки болести Св. Наум Охридски.

Критична е состојбата и на другите тројца пациенти на КАРИЛ. Таму лекарите се борат за животот на две жени на 35 и 50-тина години и еден маж на 65 годишна возраст. Сите имаат многу тешки изгореници кои зафатиле над 80 проценти од нивните тела.

- Состојбата на тројцата пациенти, особено на двете жени е многу критична и тешка, меѓутоа се бориме со максимални сили за да ја стабилизираме нивната здравствена состојба, рече д-р Илир  Хасани, директор на ТОАРИЛУЦ.

Вчера во семејната трагедија по експлозијата на плинска боца животот го загубија 4 чица. Три деца починаа на лице место, а подоцна на повредите им подлегна и 58 годишен маж.

Советот на општината донесе одлука утре во Куманово да биде ден на жалост.