Македонија
27. јуни 2022 - 16:30

Петков си поднесе оставка, опозицијата обвинува за тајни преговори во Софија

Од премиерска позиција, назад во мандаторска улога. 

По нешто повеќе од шест месеци, Кирил Петков ја напушта позицијата шеф на бугарската влада, но прв од сите лидери ќе го има обидот да состави нов кабинет.

Ова следува откако минатата седмица пратениците изгласаа недоверба на кабинетот на Петков, кој од денеска официјално е во оставка.

Претседателот Радев денеска ги почна консултациите за врачување на нов мандат, а партијата на Петков како најголема пратеничка група повторно ќе ја има пол позицијата. 

Но тие денеска не се појавија на закажаната средба кај Радев, а како причина ја наведоа седницата на комисијата за буџет во Собранието.

Иако бугарската влада е во оставка, од ВМРО-ДПМНЕ прашаа дали тим од македонското МНР денеска е на тајни преговори во Софија, но одговор од македонското МНР не добија. 

“Дали денеска има тим од МНР кој е пратен во Република Бугарија да преговара за францускиот предлог? Дали е точно дека овој тим денеска преговара за предлогот да биде ставен во протокол за Европската унија? Дали со ова молчење, тимот од МНР ја крои тажната судбина на државата, далеку од очите на јавноста каде што ги води овие преговори во Софија?”

Во меѓувреме, анкета на “Галуп Интернешнл” покажа дека мнозинство од бугарските граѓани сметаат дека францускиот предлог не ги штити бугарските интереси.