Свет
13. March 2017 - 8:56

Песков: Рускиот амбасадор во САД се среќавал и со советници на Хилари Клинтон

Рускиот амбасадор во САД се сретнувал не само со луѓе од опкружувањето на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, туку и со советници на неговиот главен ривал во изборната трка, демократката Хилари Клинтон, изјави Дмитриј Песков, прес-секретарот на рускиот претседател Владимир Путин, цитиран од ДПА.

Во интервју за американската телевизија Си-Ен-Ен Песков забележа дека луѓето поврзани со Клинтон, многу пати се среќавале со рускиот амбасадор Сергеј Кисљак. Тој прецизираше дека овие средби не биле во врска со претседателските избори.

- Тие средби на никаков начин не треба да бидат претставени како мешање во изборниот процес, подвлече прес-секретарот на Путин.

Песков изрази жалење што Русија е демонизирана во врска со тврдењата на американското разузнавање дека се мешала во изборите во корист на Трамп.

Неколку соработници на претседателот на САД беа подложени на критики за своите средби со рускиот амбасадор, потсетува ДПА.

Советникот на Трамп за прашањата на националната безбедност, Мајкл Флин, дури беше принуден да поднесе оставка минатиот месец.

Новиот американски претседател изрази желба да работи заедно со Русија, одбележува ДПА.

Останува, меѓутоа, нејасно кога тој може да се сретне со својот руски колега Владимир Путин. 

- Можно е до оваа средба да дојде на самитот на Г-20 во Хамбург во јули, доколку пред Путин и Трамп не се отвори можност и претходно да се сретнат, претпоставува Песков.

Во интервјуто тој изрази незадоволство од немањето напредок во односите меѓу Русија и САД во текот на првите два месеца од мандатот на новиот американски претседател, пренесуваат американските медиуми.

Чешкиот претседател, Милош Земан, денеска предложи како можно место за средба на Путин и Трамп да биде неговата резиденција во замокот Лани, пренесе ТАСС. 

- Тоа место ќе им ја обезбеди мирната атмосфера за преговори, вети Земан.

Песков денеска изјави дека досега не биле постигнати никави начелни договори за евентуална средба меѓу претседателите на Русија и САД, забележа ТАСС.