Свет
20. December 2021 - 12:36

Песков: Русија соодветно ќе одговори на евентуално распоредување оружје близу нашите граници

– Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска повтори дека ќе бидат преземени чекори за балансирање на ситуацијата доколку дојде до распоредување различни видови оружје во близина на границата со Русија.

– Не е тајна дека распоредувањето на различни видови оружје на нашите граници, кое може да претставува закана, ќе значи преземање соодветни чекори за да се балансира ситуацијата, изјави Песков, дополнувајќи дека се можни различни опции.

Белорускиот министер за надворешни работи Владимир Макеје вчера соопшти дека земјата е подготвена да распореди нуклеарно оружје во случај на закана од НАТО.  – Она што го рече претседателот Александар Лукашенко е дека ја разгледуваме можноста за распоредување нуклеарно оружје на белоруска територија како еден од можните одговори на идните акции на Северноатлантската алијанса на територијата на Полска, рече Макеј.

Претходно, Лукашенко изјави дека Белорусија и понудила на Москва да постави нуклеарно оружје на нејзина територија, доколку НАТО постави нуклеарно оружје во Полска.