Македонија
3. December 2015 - 22:42

Пешевски: Програмата на ВМРО-ДПМНЕ според потребите на граѓаните

ВМРО-ДПМНЕ подготвува програма за изборите според потребите на граѓаните. Нивните идеи се вредни за ВМРО-ДПМНЕ, изјави вицепремиерот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Владимир Пешевски вечерва во Куманово на партиската трибина „На Македонија и треба твојата идеја“.

Пешевски истакна дека како и за сите избори до сега, така и за овие  ВМРО-ДПМНЕ спроведува поширока активност за прибирање идеи од граѓаните и во сите досегашни програми во основа, основна водилка била да се направи програма скроена според потребите на граѓаните.

 - Досегашното искуство покажа дека најдобрите идеи доаѓат од оние на коишто им се потребни реално решавање на проблемите, а тоа се самите граѓани и во таа насока ВМРО-ДПМНЕ формираше четири групи коишто ги посетуваат општините, ќе посетуваме и компании и ќе посетуваме најразлични групи коишто имаат свои интереси со цел да ги слушнеме нивните потреби, нивните барања и сето она што има логика, што има смисла за што можат да се најдат и соодветни средства во буџетот, ќе биде составен дел од нашата нова програма, изјави Пешевски. 

Идеите на граѓаните, додаде, се вредни за ВМРО-ДПМНЕ. - Тие се во интерес на оваа цел и оваа активност ќе ја продолжиме се додека не бидеме спремни да излеземе со нашето ново предизборно во кое ќе се содржат и овие идеи и новите идеи коишто во рамките на самата партија биле генерирани. Но и сето она поради времениот карактер на изборите не било реализирано, а било наше предизборно ветување ќе биде вклучено во новата програма, рече Пешевски.

Истакна оти е убеден дека програмата што сега се подготвува од ВМРО-ДПМНЕ за парламентарните избори ќе биде најдобрата програма на која било политичка партија што била подготвена досега во историјата на независна Македонија. На тоа, нагласи, како партија ќе бидеме горди, но и ќе биде наша обврска пред граѓаните истото да го реализираме.

- Досегашните искуства кажуваат она што ВМРО-ДПМНЕ го ветува ВМРО-ДПМНЕ, тоа и го реализира. Многу често правиме и многу повеќе. Бројот на реализирани проекти го надминува речиси секогаш по правило бројот на проекти коишто ги ветуваме, но тоа што ние сме внимателни, држиме до нашиот збор важно е граѓаните да ни веруваат. За тоа да го направите потребно е долги низ на години да испорачувате она што сте го ветиле. Тие принципи на работа што важеа досега ќе продолжат и во иднина и од нив нема нема да отстапиме, изјави Пешевски.