Македонија
27. August 2015 - 8:32

Пешевски, Попоски и Незири на Самит за Западен Балкан во Виена

Под покровителство на австрискиот канцелар Вернер Фајман, во Виена денеска ќе се одржи Самит за Западен Балкан, на кој ќе учествуваат и заменик претседателот на Владата Владимир Пешевски, министерот за надворешни работи Никола Попоски и министерот за економија Беким Незири.

Самитот се одржува во континуитет на „Берлинскиот процес“, инициран со Берлинската конференција за Западен Балкан, која се одржа под покровителство на германската канцеларка Ангела Меркел во август 2014 година.

На Виенската конференција, како што соопшти македонското МНР, покрај премиерите на земјите од Западен Балкан, учество ќе земат и германската канцеларка Ангела Меркел, италијанскиот премиер Матео Ренци, потпретседателот на Европската комисија Федерика Могерини, претседателот на Европската банка за обнова и развој Сума Чакрабарти, претседателот на Европската банка за инвестиции Вернер Хојер, потпретседателот на Светската банка Лора Тук, како и официјални претставници на Словенија, Хрватска и на Франција, која е следен домаќин на оваа конференција.

Конференцијата ќе биде организирана во три паралелни сегменти на ниво на премиери, министри за надворешни работи и министри задолжени за економска соработка.

Сесијата на претседателите на Влади ќе биде фокусирана на економската ситуација и реформските процеси во регионот на Западен Балкан, млади и образование, и енергетска и транспортна поврзаност.

По завршувањето на работната сесија премиерите на земјите на Западен Балкан ќе потпишат и Заедничка декларација за формирање на Канцеларија за регионална соработка на младите од Западен Балкан.

Сесијата на министрите за надворешни работи, под покровителство на Сојузниот австриски министер за Европа, интеграции и надворешни работи Себастиан Курц, ќе биде тематски фокусирана на регионална соработка, отворени прашања и млади, мобилност во регионот на Западен Балкан, решавање на проблемот со бегалците и религиски дијалог и борба против екстремизмот. Министерот за надворешни работи Никола Попоски ќе се обрати во рамки на втората тема.

Економскиот сегмент на Конференцијата ќе се состои од два дела бизнис форум во организација на Сојузната стопанска комора на Австрија и сесија на министрите надлежни за економски прашања под покровителство на Сојузниот вицеканцелар и министер за наука, истражување и економија на Република Австрија, Рајнхолд Митерленер. На сесијата ќе се дискутира за две главни теми: економски просперитет и поврзаност и двојно стручно усовршување, во рамките на кои ќе бидат разгледани можностите за подобрување на економските политики, структурните реформи, подобрување на човечкиот и физичкиот капитал, индустриските капацитети, бизнис опкружувањето и трговска интеграција со цел поттикнување на конкурентноста и обезбедување на долгорочен економски раст.

По завршувањето на Самитот, ќе биде одржана и свечена церемонија со која ќе биде одбележана 10-годишнината од потпишувањето на Договорот за енергетска заедница.