Македонија
9. November 2019 - 12:34

Пензионери од цела држава се дружат во Тетово на „Мултиетничка средба“

Над 400 пензионери од 22 здруженија на пензионери од целата држава денеска во Тетово се собраа на заедничка „Мултиетничка средба“. Здружението на пензионери од Тетово од 1998 речиси секоја година ја организира оваа средба.

– Мултиетничката средба се одржува речиси секоја година во Тетово од едноставна причина што нашиот град е мултиетнички град и ја има главната основа каде да се прават ваквите манифестации. Целта на оваа манифестација е да се дружиме, да се веселиме, да се запознаваме, да размениме мислења меѓу пензионерите и други проблеми и работи кои се појавуваат, изјави Селвер Мемети, претседател на тетовското здружение.

Присутните пензионери на средбата ги поздрави претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери Станка Трајкова.

– Соживотот и пријателството меѓу пензионерите е важна околност која е потребна. Пензионерите не случајно меѓусебните релации ги граделе меѓу народите на овие простори за меѓусебно почитување. Меѓу себе ќе си подадеме рака со позитивна порака за помош на секој од нас кон другиот. Само така се развива соживотот и пријателство. Ако пензионер помогне на некој друг и на него некогаш ќе му биде добредојдена и потребна помош од некој друг, истакна Трајкова.

Софија Симовска, која има 70 години, вели дека присуствувала на сите мултиетнички средби веќе 21 година откако во 1998 година станала пензионерка со оглед на бенефицираниот стаж.

– Многу е важно ваквото дружење за пензионерите. Со пензионирањето не престанува како што се вели векот на живеењето. Продолжува уште повеќе затоа што почнува нов живот за нас пензионерите. Обврските се намалуваат и сега останува да се дружиме, вели Софија.

Низ цела земја постојат 53 здруженија на пензионери со вкупно 273 илјади членови. Тетовското здружение брои 13 илјади пензионери. Вкупно по сите видови на пензии евидентирани се 320 илјади пензионери во државата.