Македонија
24. May 2022 - 16:39

Пендаровски и Вучиќ со заедничка фотографија од Давос ја поздравија одлуката на СПЦ

Со заедничка фотографија во Давос македонскиот и српскиот Претседател Стево Пендаровски и Александар Вучиќ ја поздравија одлуката на СПЦ за прифаќање на автокефалноста на МПЦ - ОА, како чекор во вистинска насока.

Претходно шефот на државата упати честитка за ваквата одлука и порача дека ова е радосна вест за сите граѓани на земјава од православна вероисповед.

- Одлуката на Српската Православна Црква ќе придонесе за исправање на историските неправди и отвора можност за нов и необременет духовен раст на Охридската Архиепископија. Верувам дека целиот процес на признавање на автокефалноста на Македонската Православна Црква – Охридска Архепископија ќе заврши со скоро потпишување на Томосот од Вселенскиот Патријарх г.г.Вартоломеј, што ќе придонесе за исполнување на еден од нашите национални интереси и за напредок и помирување во македонското општество.“ пишува во пораката шефот на државата.

Честитки од Рим упати и Премиерот Димитар Ковачевски.

- Голем е денешниот ден, историски, кога ги чествуваме Светите браќа Кирил и Методиј, да ја добиеме и автокефалноста на нашата црква како рамноправна со другите и како признание за нејзиното наследство во духовната величина на древната Охридска Архиепископија, и како автентичен дел на македонскиот идентитет. Се радуваме заедно со сите православни христијани во нашата земја на историската вест со која Македонската православна црква – Охридска Архиепископија се стекнува со автокефалност, рече Премиерот Ковачевски.

Голем ден за нашата света Македонска Православна Црква – Охридската Архиепископија, напиша на Фејсбук претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

- Нашата црква мора да е обединета, нашиот Синод, свештеството, исто како што мора да биде обединет и нашиот народ, и тогаш сите искушенија, бури и премрежја ќе бидат премостливи. Да продолжиме да чекориме обединето. Честитки за мудроста, обединетоста и достојноста на Синодот и неговото блаженство г.г. Стефан, за градењето на мостови, за бранењето на нашиот идентитет и вредности во кои веруваме, за премостените децениски и вековни јазови, порача во честитката лидерот на ВМРО ДПМНЕ.

Честитки упатија и министерот за надворешни работи Бујар Османи и поранешните Премиери Зоран Заев и Никола Груевски.