Македонија
11. October 2019 - 18:32

Пендаровски – Биерлејн: Билатерални односи меѓу двете држави кои се стабилни и пријателски и се карактеризираат со меѓусебна доверба и заемно почитување

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска во рамки на официјалната посета на Република Австрија оствари средба со сојузната канцеларка Бригит Биерлејн која упати честитки за постигнатото и за спроведените реформи во нашата земја.

Размената на посети на високо и највисоко ниво, како што оценија на средбата, се најдобар показател за нивото на развој на односите меѓу двете држави, кои годинава одбележуваат 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи.

Од претседателскиот кабинет соопштуваат дека на средбата биле разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави кои се стабилни и пријателски и се карактеризираат со меѓусебна доверба и заемно почитување.

Претседателот Пендаровски се заблагодарил за севкупната поддршка од Австрија за аспирациите на Северна Македонија за членство во Европската Унија и го реафирмирал очекувањето дека кон средината на октомври Европскиот совет ќе донесе одлука за отпочнување на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ.

-Претседателот Пендаровски ја истакна и важноста на поддршката што Австрија ја дава на Северна Македонија во справувањето со мигрантската криза, преку континуирано присуство на австриски полициски сили на јужната гранична линија од 2015 година, информира претседателскиот кабинет.

Претходно, претседателот Пендаровски со највисоки државни и воени почести беше примен од австрискиот претседател Александер Ван дер Белен. Во рамки на официјалната посета, предвидено е претседателот Пендаровски да оствари средба и со претседателот на Националниот совет на Сојузното собрание на Република Австрија, Волфганг Соботка.