Свет
16. May 2022 - 8:50

Педесет и девет отсто од Швајцарците гласаа „за“ автоматско донирање органи

Мнозинството гласачи во Швајцарија го поддржаа преминот кон автоматски систем за донирање органи, освен во случаите кога потенцијалниот донатор експлицитно се изјаснил против тоа пред неговата смрт, покажуваат излезните анкети по денешниот референдум.

Околу 59 отсто од гласачите ја поддржаа промената, покажува анкетата на Институтот за испитување на јавното мислење gfs.bern.

Промената на законот би значела дека пациентите кои имаат потреба ќе ги добијат органите многу побрзо бидејќи сите луѓе ќе се сметаат за донатори на органи, освен ако потенцијалниот донатор се изјаснил против тоа пред неговата смрт.

Во моментов е во сила закон кој бара од швајцарските граѓани да одлучат дали ќе станат донатори, но Владата води кампања за промена која ќе им овозможи на сериозно болните пациенти да добиваат донирани органи без долго чекање.