Бизнис
16. January 2020 - 16:29

Пазарџиите остануваат на улица до понеделник

Пазарџиите ќе продолжат со секојдневните протести и покрај закажаната средба со градоначалникот на Центар за в понеделник. Револтирани од зголемените цени за паркингот околу Зелениот пазар и навредени од изјавите на Богдановиќ, откако прекинаа со блокада на улицата позади пазарот, тие дојдоа пред Општината да побараат извинување од градоначалникот.

-Јас во изјавата што ја дадов реков дека имаме борба и со дивите продавачи, за кои и они реагираат. Си имаме ние наши аргументи зошто сме постапиле. Нормално, со воведување на редот попречувате некоја нелегална трговија, која што се случила. Имаме разбирање, затоа ги повикавме дел од пазарџиите да си ги кажат реалните проблеми кои што ги имаат, но не по цена да бидеме условувани и уценувани со протести, изјави Саша Богдановиќ, градоначалник на Општина Центар.

Сега 1 час паркинг околу Зелениот пазар чини 70 денари, а месечната карта од 800 е покачена на 1.500 денари. Освен тоа, проблем за пазарџиите е и забраната за влез на комбиња за снабдување.

 -Диви продавачи не сме, како што нè нарече тој. Плаќаме ДДВ, плаќаме данок. Значи за една тезга плаќаме 10.000 денари данок. Какви диви продавачи?! Лани имавме средба лично со него и ни рече дека нема ингеренции да ги чисти дивите продавачи. Од кај најде сега ингеренции да го покачи паркингот?, изјави Беким Алија, закупец на тезга на Зелен Пазар.

-Ако никој не може да пазари, тогаш да го затвориме пазарот и секој на своја страна. Ако тоа им е целта да го затворат пазарот и тоа не е страшно, нека кажат дека го затвараат пазарот и ќе одиме под завод на грбот на државата. Нема отстапување, секое отстапување ќе значи затварање на тезги, изјави Љупчо Спасовски, закупец на тезга на Зелен Пазар.

Од ПОЦ велат дека забраната за товарните возила е воведена бидејќи дел од нив се користеле за мобилна продажба.

-Пазарџиите на крајот на работното време пред напуштање на паркиралиштето користат железни колички за пазарење кои сензорот ги препознава како возила и системот за нив автоматски печати билет. На тој начин тие наместо да платат за цел ден паркирање, тие плаќаат само за 1 час, пишува во соопштението на ЈП ПОЦ.

Пазарџиите ќе продолжат со протести и утре, а за в понеделник најавуваат дека освен позади Зелениот Пазар, ќе ја блокираат и улицата кон Собранието.