Свет
12. March 2017 - 21:32

Париз повика на намалување на тензиите меѓу Турција и членките на ЕУ

Франција денеска упати апел до Турција и неколку земји членки на ЕУ за намалување на тензиите во нивните билатерални односи, оценувајќи дека нема никакви причини за забрана на средби на турски министри со Турците што живеат во европските држави. 

- Во услови кога нема докази за закани по јавниот ред, не постоеја никакви причини за забрана на ваквите средби, соопшти француското Министерство за надворешни работи.

Берлин кон средината на неделава им забрани на двајца турски министри да се обратат на собири на Турците што живеат во Германија, а холандските власти вчера одбија да му дозволат слетување во земјата на авионот на турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу, кој требаше да говори на митинг во Ротердам, а подоцна од Холандија беше протерана и турската министерка за семејни прашања Фатма Бетул Сајан Каја. 

Ваквите одлуки доведоа до тензии во односите меѓу Анкара и овие две земји членки на ЕУ, при што турските лидери ги обвинија Германија и Холандија за „нацизам и фашизам“.

Во соопштението на француското Министерство се апелира за намалување на тензиите меѓу Турција и членките на ЕУ и при тоа се упатува повик до властите во Анкара да избегнуваат „екцеси и провокации“. 

За разлика од Германија и Холандија, Франција му дозволи на шефот на турската дипломатија Чавушоглу денеска да се обрати на митинг на припадниците на локалната турска заедница во францискиот град Мец. 

На митингот во Мец, чија цел е да се поттикнат тамошните Турци на турскиот референдум да ги поддржат измените на Уставот на Турција, Чавушоглу ја обвини Холандија дека е „престолнина на фашизмот“.

На собирот одржан во Конгресниот центар во Мец за време на обраќањето на Чавуоглу можеа да се слушнат скандирања „Турција, Турција“, но и „Алах е голем“.