Бизнис
28. March 2021 - 16:34

Пандемијата се одрази врз малите бизниси, за 26% помалку закупени објекти лани во споредба со годините пред пандемијата

Пад од 26% на издадените деловни простори лани. Податоците од Агенцијата за катастар покажуваат дека во 2020 година, кога започна пандемијата, биле издадени речиси 900 деловни простори помалку отколку претходната година. Или, закупени биле околу 2.400 деловни простори за вкупна вредност од 1,5 милион евра.

Од агенциите кои посредуваат при изнајмување недвижнини потврдуваат дека значително е паднат интересот воопшто, а особено за деловните објекти. Велат, не само што е намален интересот за изнајмување, туку има фирми кои ги откажуваат веќе изнајмените простори бидејќи не се рентабилни. Според агентите за недвижнини, пандемијата го стори своето, а подобрување на состојбата очекуваат дури од наредната година.

Последните податоци од Агенцијата за катастар покажуваат дека највисока месечната закупнина достигнува токму квадратот деловен простор, кој во просек изнесува околу 10 евра.

Но, негативни се бројките и за вкупно издадените недвижнини, кои вклучуваат приватни и индустриски објекти, гаражи, помошни простории, градежно и земјоделско земјиште. Лани извршени биле речиси 6.500 закупи, односно за 2.300 помалку од претходната година, што во проценти претставува, исто така, пад од 26%.