Македонија
26. January 2022 - 16:40

Пандемијата го преполови медицинскиот кадар - поради заразата нема кој да ги лекува болните од Ковид

Без 80 здравствени работници кои во моментот отсуствуваат поради омикрон и делта сојот, ГОБ 8-ми септември се бори со големиот наплив на заразени и тешко болни. Инфективниот оддел во болницата е исполнет до последен кревет а во амбулантите имаат и по 200 прегледи дневно. Со десеткуван  персонал работи и инфективната клиника како и установи од внатрешноста. Поради алармантната состојба од утре кожно повторно станува ковид центар а капацитетите ги подготвува и неврологија. Можат ли медицинските лица со овие сили да одговорат на предизвикот и има ли кој да ги лекува пациентите?

- Работиме со полн капацитет во моментот. Како испишуваме така хоспитализираме нови пациенти, а размислуваме и за отворање на нов оддел во зависност од медицинскиот персонал со кој располагаме во моментот. 80 здравствени работници се отсутни поради ковид и тоа ја отежнува работата, вели др. Маја Дуганова раководител на Инфективно одделение – ГОБ 8-ми септември.

Во 8-ми септември постојано пристигнуваат возила на Брза Помош со тешки пациенти кои ги префрлаат од болници од внатрешноста. Речиси сите хоспитализирани се на кислородна поддршка а според лекарите, гледајќи ја клиничката слика има и делта и омикрон.

- Еден апел и до матичните и до пациентите кои се без симптоми да не доаѓаат во амбулантите да прават гужви бидејќи треба да одговориме на оние кои се со потешка клиничка слика, вели др. Дуганова.

Поради алармантниот број на новодијагностицирани, хоспитализирани и смртни случаи, според информации на Сител најверојатно повторно ќе има редуцирање на дијагностички и хируршки интервенции за пациенти кои не се итни.