Свет
1. April 2024 - 18:49

Палестински извори тврдат дека се пронајдени тела на стотици убиени цивили во болницата Ал Шифа

По целосното повлекување на израелските сили од внатрешноста на болничкиот комплекс Ал Шифа и неговата околина, западно од градот Газа, пронајдени се безживотните тела на стотици убиени цивили, соопштија денеска палестински медицински извори во Појасот Газа.

Локални извори потврдија дека претходно денеска израелските сили целосно се повлекле од болницата Ал Шифа и околните станбени области и се движеле кон областите јужно од населбата Тал Ал-Хава, југозападно од градот Газа, пренесува палестинската новинска агенција Вафа.

Според очевидци, израелските сили ги запалиле сите згради на болницата Ал Шифа и ја направиле целосно неупотреблива.

Медицински извори објасниле дека израелската армија целосно уништила повеќе катови во зградата на специјализираните болнички одделенија, а го запалила и остатокот од комплексот, вклучително и одделот за итни случаи, уништувајќи ја целата медицинска опрема.