Пакетомати и на македонскиот поштенски пазар
На македонскиот поштенски пазар првпат се воведени пакетомати, уреди кои на корисниците им овозможуваат самопослужување со преземање на својата пратка во кое било време во рок од 72 часа. Во Скопје се веќе поставени на седум локации, а во Битола на една.
- Оваа иновација им овозможува на корисниците да изберат локација на пакетомат која ним најмногу им одговара, за пратката да извршат уплата преку електронско банкарство (доколку имаат обврска за плаќање) и по СМС порака да ја подигнат својата пратка. Треба само да се поврзат на линкот од СМС пораката кој што ќе им побара поврзување со bluetoоth и веднаш ќе им се отвори нивното сандаче, изјави за МИА Биљана Глумац од Карго Експрес, компанија која првпат во земјава ја воведува услугата достава преку Пакетомат или Locker, која што му овозможува современа, практична и брза достапност на корисникот до својата пратка.
Трендот на преземање на пратки од пакетоматите во европските земји и кај нашите соседи расте од година во година, а најголема причина за доцнење на ваков проект во државава, како што вели, е тоа што во нашиот поштенски пазар голем дел од пратките се со наплата при достава т.е. откупнина или поштарина.
-Нашиот тим се обидуваше да изнајде решение како таа наплата би се имплементирала без притоа корисниците на услуги да не бидат изложени на додатни трошоци. Потребите на една компанија на константно унапредување и развој на истата придонесе да се оствари ваков проект, односно да се интегрираат логистичките услуги во својата развојна стратегија за да можат да се остварат придобивките за понуда кон корисниците, изјави Глумац.
Таа информира дека во соработка со компанијата „Тинекс“ поставиле седум пакетомати пред нивните објекти на седум различни локации во Скопје, а во скоро време ќе бидат поставени уште четири нови пакетомати. Еден пакетомат е поставен и во Битола, а се очекува во наредниот период мрежата да се прошири низ целата држава.
Пакетоматите се независни еколошки уреди кои за напојување користат соларна енергија. Со тоа се намалува користењето на возилата со што автоматски и оваа достава се смета како еколошка.
Глумац потенцира дека он-лајн продажбата денес станува главна сила на поштенскиот пазар, а во блиска иднина ќе биде традиционален начин на купување.
Истакнува дека секоја конкуренција е добра бидејќи овозможува подобро да се согледа позицијата на компанијата на пазарот, но, како што вели, за жал има се повеќе примери кога конкуренцијата се претвора во нефер игра во која некои од учесниците ја преминуваат границата на етика.
- Поштенските компании во ланецот во е –продажбата претставуваат најважната карика за достава на робата до крајниот корисник. Развојот и афирмацијата на е –продажбата секако придонесе курирскиот синџир да се шири, а со тоа да се зголеми конкурентноста на пазарот. Секоја конкуренција е добра бидејќи овозможува подобро да ја согледаме позицијата на компанијата на пазарот. За жал имаме се повеќе примери кога конкуренцијата се претвора во нефер игра во која некои од учесниците ја преминуваат границата на етика. Сведоци сме дека постојат фирми кои вршат превоз на поштенски пратки без лиценци, фирми кои немаат регистрирано ниту еден вработен, немаат свои збирни места, а исто така не поседуваат свои брендирани возила, изјави Глумац.
Укажува дека цел и стратегија во развојот на една поштенска компанија како еден од клучните чинители во поштенскиот сектор треба да биде, пред се, анализа на постоечката состојба во чиј процес регулаторните начела за осигурување на квалитет и одржливост на давател на услуга се усогласени со политиката и препораката на Агенција за пошти.
- Настојуваме да ги следиме современите светски трендови во логистичкиот сектор, да го зголемиме иновативниот сектор и да го подигнеме нивото на квалитет на услуга со што би ги исполниле очекувањата на нашите клиенти.Наш нареден чекор ќе биде автоматизација на системот на сортирање како и воведување на електрични возила во (Last mile) доставата, изјави Глумац.
Во Регистарот на Агенцијата за пошти се евидентирани 34 даватели на поштенски услуги, од кои 33 се со лиценци со општо овластување, покрај АД Пошта на Северна Македонија која е со индивидуална дозвола.
Ново на Сител
-
Тема на денот со комуникологот Бојан Кордалов
-
Евроинтеграцијата и барањето за консензус клучни во обраќањето на претседателката
-
Филипче повика на натпартиска стратегија
-
Мицкоски: Злоупотребите во Државна лотарија се многу повеќе од 8 милиони евра
-
Мицкоски: Многу контроверзни изјави го одбележаа судењето за 27 април
-
Неетичко и нечовечно е поскапувањето на основните производи, кажа Мицкоски
-
Законот за нефер трговски практики стапува во сила на први јануари
-
Целосно исплатени заостанатите субвенции кон земјоделците