Балкан
22. February 2018 - 9:17

Пахор одговори на критиките од Србија

Претседателот на Словенија Борут Пахор одговори на критиките од страна на српските функционери поради неговите изјави дека Словенија ќе работи на тоа да обезбеди признавање на Косово од страна на членките на ЕУ кои се уште не го направиле тоа, нагласувајќи дека Косово е едно од главните политички прашања за кое Словенија и Србија имаат значително различни ставови.

Во соопштението од кабинетот на словенечкиот претседател, Пахор вели дека не е сигурен дали претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ во целост се запознаени со неговата изјава за дипломатска поддршка за признавање на Косово меѓу членките на ЕУ.

Како што јави словенечката агенција СТА, во соопштението на Пахор експлицитно стои дека Словенија ќе го поддржи Косово доколку исполни одредени услови, вклучувајќи почитување на договорот за нормализација на односите меѓу Приштина и Белград, формирање заедница на српски општини во северно Косово и ратификација на договорот за граница со Црна Гора.

Српскиот претседател Александар Вучиќ во понеделникот реагираше на изјавата на Пахор, прашувајќи како словенечкиот претседател Пахор сака да ги убеди другите членки на ЕУ да ја признаат еднострано прогласената независност на Косово, кога Шпанија е се поголоем сојузник на Србија.

- Ако Шпанија така се однесува, зошто Пахор така се однесува. Сега тој ќе ја убеди Шпанија да ја признае независноста на Косово, рече Вучиќ.

Премиерката Ана Брнабиќ изјави дека е непријатно изненадена со изјавата на претседателот на Словенија и оцени дека таква изјава не во согласност со добрите и пријателски односи со Љубљана.