Македонија
2. March 2021 - 16:42

Падна ли страницата за попис на тестот за безбедност, граѓани од Македонија се попишуваат како исeленици?

Скромно знаење е потребно за да ја изманипулирате апликацијата за попис на дијаспората. По информациите кои утрово се појавија во медиумите дека со користење на прикриена ИП адреса може од Македонија да се попишете како да сте во странство, екипата на Сител сама направи тест. Со Македонска ИП адреса не е можно да се регистрирате па ја данлодиравме првата апликација која ни ја предложи Гугл и одбравме сервер во Холандија. 

Веднаш добивме пристап до апликацијата бидејќи таа мислеше дека се конектираме од странство, а по внесувањето на матичниот број и македонскиот телефонски број системот на имеил ни испрати податоци за логирање со што процесот можеше да почне. Бидејќи целта не беше да го манипулираме пописот, ние тука прекинавме, но на социјалните мрежи веќе има неколку лица кои велат дека комплетно ја завршиле процедурата. 

Од Државниот завод за статистика велат дека секоја манипулација на системот повлекува одговорност пред законот. 

Во врска со внесувањето на податоци преку VPN, односно прикриена IP адреса, самото користење на таква алатка за внес на податоци во Пописот се смета за спротивно на Законот за Попис и Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на Пописот 2021, и може да подлежи на санкции, од причина што претставува лажно претставување и лажно давање податоци – стои во писменото соопштение на Државниот завод за статистика.

Оваа Влада не е способна прегорена улична сијалица да смени, а не пак да организира сложена статистичка операција попис, напиша утрово на социјалните мрежи опозицискиот лидер Христијан Мицкоски. 

Се покажа дека од дијаспората може да се попише секој граѓанин кој живее во Македонија, а тоа докажува дека Владата и Заев како и за сѐ друго не се способни да спроведат било каков процес. Не би ме зачудило ако на крај се евидентираат неколку десетици милиони нашинци од дијаспората. Полека но сигурно, пред очи имаме уште еден циркус. 

Новиот бран на Ковид-19 вирусот и неспособната Влада се гаранција дека или ќе биде одложен пописот на резидентното население, или ќе биде уште еден неуспешен обид на Владата – пишува Мицкоски на Фејсбук.