Бизнис
12. May 2020 - 16:45

Пад на туризмот во март за 67% - за април уште полошо

Корона вирусот силно го погоди туризмот. Според државната статистика, во март бројот на туристи се намалил за над 67%, бројот на ноќевања за близу 63%. 

Многу подрастичен е падот кај странските гости. Бројот на туристи од други земји се намалил за 70% во март годинава споредено со март лани. Кај домашните, намалувањето изнесува 60%. 

Од туристичкиот сектор велат дека бројките во март уште се и позитивни ако се има предвид дека затворањето на капацитетите како и граничните премини се случи кон средината на месецот. Многу полоша ќе биде статистиката за април кога државата цел месец беше во карантин. 

Од државната агенција за туризам, најавуваат дека со он лајн кампања ќе ги привлекуваат домашните туристи оваа сезона. Целта е да се достигне ланската бројка на домашни гости или над 420.000 туристи со над милион и 600 илјади ноќевања. 

Силен пад има и на бројот на прелети над македонското небо заради и натаму затворените аеродроми. Најлошата бројка на прелети е регистрирана во неделата кога имало само 38 лета во воздушниот простор или 95% помалку споредено со лани. 

Во Македонија во март бројот на патници на двата аеродроми се намалил за 55%, а во април за 99%.