Македонија
19. September 2024 - 16:34

Пациент почина на Инфективна поради компликации од западно-нилска треска

Пациент почина на Инфективна клиника поради компликации од Западно - нилска треска. 78 годишниот маж од  Чешиново – Облешево, пред да заврши на клиника бил во кочанската болница од каде го препратиле во Штип а оттаму поради сериозната здравствена состојба со возило на Брза Помош го транспортирале во Скопје. По 6 дневна хоспитализација ја загибул битката и починал на 16-ти овој месец.

-На прием пациентот бил фебриле, малаксан, со пореметена свест и агресивен. Пристапено е од страна на лекарите специјалисти до доиследување. Кај пациентот е констатирано дека сепак се работи за воспаление на мозокот, односно енцефалитис, вели д-р Фадил Цана, директор на Клиника за инфективни болести.

Починатиот пациент заразата со вест најл вирусот ја добил во земјата бидејќи во епидемиолошката анкета пишува дека не патувал надвор од државата. Првите симптоми ги добил ден пред да биде хоспитализиран. Доктор Цана појаснува дека кај 80 проценти од луѓе каснати од комарци не се појавуваат симптоми, 19 проценти може да имаат температура или болки во екстремитети а кај само 1 посто може да дојде до невролошки состојби и фатален исход.

Ова е четврти регистриран случај годинава  во Институтот за јавно здравје.

- Првиот тестиран е во април од Струмица импортиран од Кенија. Вториот од Кочани импортиран од Тунис и тестиран во јули. Третиот е тестиран во август од Тетово и во епидемиолошката анкета навел дека нема никакво патување, вели Марија Андоновска, в.д. директор на ИЈЗ.

Според епидемиолозите вектор преносливите болести стануваат се поактуелни ја менуваат сликата на заразни болести а тоа се должи на климатските промени.

Каснување од заразен комарец е причина за појава на Западно – нилска треска. Болеста не се пренесува од човек на човек а инкубацијата е од 3 до 14 дена.

Поголем број на заразени и починати има во Грција и Албанија.