Македонија
24. July 2017 - 22:03

Отворена Кока кола фитнес зона во Куманово

Кумановци од вечерва имаат можност бесплатно да ги користат фитнес справите поставени во непосредна близина на детското катче на кејот на Кумановка, кои се дел од „Кока кола активна зона“ што компанијата ја постави заедно со Пивара Скопје. Проектот е дел од глобалната платформа на Пивара Скопје и Кока кола и има за цел промоција на активниот живот на граѓаните.

- Имаме отворена зона опремена со најсовремени фитнес справи достапни за сите граѓани. Наша желба е да ве мотивираме и да го активираме активниот животен стил, да биде секојдневен стил на секој граѓанин на општина Куманово, како и на цела Македонија. Нема да застанеме тука, додека не ја покриеме цела Македонија ќе инвестираме за добробит на заедницата, изјави Ламбо Патче, директор за односи со јавност и комуникации на Пивара Скопје.

На отворањето на фитнес зоната присуствуваше и градоначалникот на општина Куманово, Зоран Дамјановски кој посочи дека ЈП „Чистота и зеленило“ учествувале во уредувањето на локацијата, а Сојузот на спортови работел на поврзување на компанијата со општината .Апелираше до граѓаните совесно да се однесуваат, бидејќи додаде има случаи на уништување на комунална опрема и информираше дека на локацијата ќе има стражарска служба.

-Во мое име и во име на граѓаните на Куманово голема благодарност до менаџерскиот тим на Кока кола за овој проект за изградба на рекреативни, забавни зони за рекреација на сите граѓани на општина Куманово. Куманово продолжува во својата намера да гради спортски терени, спортски полигони за практикување на рекреативен, масовен и школски и спорт, изјави Дамјановски.

На отворањто на зоната псисуствуваше и професионалниот велосипедист Зоран Ристовски од велосипедскиот клуб „Вело-М“, кој ја потенцира важноста од редовната физичка активност.

- Ги охрабрувам моите сограѓани да дојдат што помасовно и да ги искористат овие можности кои ги нуди фитенс вежбањето на отворено, рече Ристовски.

Зоната во Куманово е втора од вкупно пет кои ќе бидат донирани во градовите од Македонија.