Македонија
28. March 2023 - 16:39

Отворена истрага за надзорот над „Бехтел и Енка“

Надзорот на коридорите 8 и 10Д ќе го истражува обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. По цел месец објавување документи од опозицијата и медиумите, обвинителството на Абази отвори предмет.

„За да се испитаат тврдењата изнесени во јавноста отворен е предмет врз основа на допрен глас. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој презема дејствија и ќе изврши проверки, по што ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката“, велат оттаму.

Спорни се три фирми од конзорциумот за надзор. „Електра солушнс“ е фирма која шиела долна облека, по што се префрлила на информатика, па градежништво. Лиценца добила за време на отворениот тендер, иако никогаш немала искуство со надзор.

За „Евро консалтинг“, пак, во јавноста кружат обвинувања дека е раководена од Бранислав Димитријевиќ – гонет со меѓународна потерница и уапсен во Хрватска пред 2 години.

Неговото име се поврзува и со „Ептиса“ за која неколку месеци имаше владина забрана да учествува во проекти поради незаконски и неетички дејства.

Оваа тројка треба да добие над 22 милиони евра за надзор над работата на „Бехтел и Енка“.

Директорот на Државни патишта уверуваше дека се е чисто оти кога бирале фирми, не ги проверувале нивните акционери.

Претходно предмет отвори и антикорупциска.

Проектот тежи 1,3 милијарди евра, а следниот вторник треба да биде удрен камен-темелник на коридорот 8 во Тетово.