Македонија
19. April 2017 - 14:53

Отворен 4.Саем за вработување и пракса „Контакт 2017“

За домашните ИКТ компаниите е предизвик да најдат нов кадар поради големата побарувачка на пазарот, но се задоволни од понудата од ИКТ факултетите. Нивни претставници од денеска до 22 април  имаат можност за средби со студенти од ФИНКИ и ФЕИТ на четвртото издание на Саемот за вработување и пракса „Контакт 2017“, што се одржува во организација на студентските парламенти од факултетите од овие области.

Учествуваат на саемот за да можат да најдат кадри кои би ги вработиле и да понудат пракса  за студентите кои сакаат да стекнат повеќе технички знаења надвор од студиските програми на факултетите.  

- Првпат сме на саемот и пријатно сме изненадени. Кадарот што излегува од факултетите е навистина добро подготвен, но мора да признаам дека денес е навистина предизвик да најдете кадар бидејќи побарувањата се се поголеми, има многу проекти и тешко се наоѓа добар кадар, изјави Владимир Јосифовски, менаџер  во компанијата IT gma.

Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска на отворањето на саемот пред студентите истакна дека одбрале една од најперспективните професии и оти сега е време да почнат да размислуваат за професионалните кариери.

- Особено го ценам фактот што навреме сте ја увиделе потребата за развој на т.н. „меки вештини““. Токму ваквите вештини, модерно наречени  „third space thinking“,  ќе бидат пресудни и за вашата кариера и оти покрај вашите стручни познавања ќе ви обезбедат полесен влез во светот на бизнисот, рече Арсовска Томовска, посочувајќи дека покрај програмерите на ИТ пазарот се повеќе се најбарани и експерти за сајбер безбедност, инженери за анализа на податоци и за облак технологии.

Според деканот на ФИНКИ Иван Чорбев, македонските дипломци успешно се справуваат со предизвиците на домашаната, европската и светската ИТ индустрија. Претстави пример дека дипломка од ФИНКИ  има  успешен старт ап во Барселона со проценета вредност во милиони.  - Наша задача е да ве подготвиме сами да учите за да може  по завршувањето да ги совладувате вештините  и алатките кои се менуваат динамично и ќе ве задржат да бидете конкурентни  вработени во брзорастечки ИТ фирми но и способни претпримачи кои сами ќе создадат фирми и продукти, рече Чорбев.

Според податоците од Централниот регистар, во Македонија се регистрирани 1.680 фирми со 11.989 вработени во дејностите трговија со компјутери, опрема, софтвер, телекомуникациски дејности, компјутерско програмирање, компјутерски консултантски услуги, обработка на податоци, хостирање и останати услуги во врска со ИКТ, или ИКТ. Од нив 67 се отворени од почетокот на годината што е 10-кратно зголемување на бројот на фирми во овие дејности споредено со периодот од пред десет години. Евидентирани се и околу 400 формално невработени со дипломи од областа на информатиката, а според  ресорната министерка, дополнително треба да се анализира дали влегуваат во групата која Државниот зваод за статистика ја води како неформално вработени, односно дали генерираат некакви приходи он лајн.

Нето платата во дејноста компјутерско програмурање во јануари годинава изнесувала 54.000 денари.

Изминатите три изданија на саемот „Контакт“ резултирале со 100 вработувања  и 500 пракси за студенти од факултетите од страна на вкупно 50 компании.