Македонија
19. April 2023 - 12:51

Отрфлен амандманот на ВМРО-ДПМНЕ за дозволите за концесија на минерални суровини

Собраниската Комисија за економски прашања денеска ја продолжи работата по измените на Законот за минерални суровини, по скратена постапка, еден од осумте закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д. Пратениците ја започнаа амандманската расправа, а во име на предлагачите на законот пратеничката Рина Ајдари го отфрли првиот амандман на ВМРО-ДПМНЕ, со којшто се бараше бришење на членот 10 односно да остане постојното законско решение за издавање дозволи за ископување. Седницата на Комисијата беше прекината поради почеток на собраниската седница и ќе продолжи во текот на денот.

Амандманот го образложи пратеникот Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ кој рече дека тие сметаат дека за издавање дозволи за ископување треба да остане постојното решение за побрзо издавање дозволи односно да се примени членот 14 ставот 3. 

Јаревски, меѓу другото, рече дека тие не се прашуваат дали со договорот со „Бектел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10д ќе има штетни последици туку колкави ќе бидат штетите. Со решението што се предлага, кажа дека може да се копа каде сака и кога сака без оглед на штетите на животната средина, на околината, на културното наследство... Според него, предлагачите на законските измени не водат сметка за штетите што ќе настанат.  

-Ние можеме само да нагаѓаме бидејќи го немаме договорот. Ние нагаѓаме какви консеквенци може да имаме бидејќи не го знаеме договорот, рече Јаревски. Ги обвини колегите пратеници дека предлагаат законски измени, а не го виделе договорот. 

Фазли Бедри од ДУИ реплицирајќи му на Јаревски рече дека тие ги поддржуваат овие измени бидејќи сакаат да се забрза изградбата на коридорите и оти со законските измени треба да се олесни постапката за изградба на коридорите. Според него, ВМРО-ДПМНЕ се однесува како да не сака да се изградат коридорите. 

Претседателот на Комисијата Диме Велковски од СДСМ рече дека државата и институциите ќе контролираат каде и што ќе се копа.  

Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека опозициската партија и тоа како сака да се изградат овие коридори и потсети дека плановите за нив се од времето на нивната Влада. Исто така тој посочи на нивните сомнежи за коруптивни активности.   

-Не е проблемот самиот проект, ниту пак некој е против проектите како што се обидувате да прикажете на јавноста, туку конкретниот проблем е можноста што вие преку овие предложени закони што не сте ги прочитале туку некој ви ги донел да ги потпишете, давате материјална основа за корупција во изведувањето на овој проект, рече Стојановски. 

Пратеникот рече дека во членот 10 од постоечкиот закон има исклучива процедура како може да се додели концесија на некој концесионер и е добра и транспаретна. 

-Што се обидуваат пратениците на ДУИ да направат на закон на којшто нема ниту еден потпишан од СДСМ? Во ставот 12 концесија за детални геолошки истражувања може да се издаде директно на инвеститор заради изградба на европски патни коридори од стратешки интерес. И вие тука ќе кажете дека инвеститор е ЈПДП и тоа е многу погрешно и вие тука правите една врата во која што во ставот 3 во истоимениот член којшто не го менувате давате право добивање на концесија на детални геолошки истражувања на секое правно лице, вклучувајќи и правни лица кои се регистрирани тука, но и надвор од државата, рече Стојановски. 

Тој исто така посочува дека со она што го предвидуваат измените во ставот 12 се предвидува органот на државна управа наделжен за дозволите за минерални суровини, а тоа е Министерство за економија во рок од 5 дена ќе достави до Владата образложен предлог и одлука за доделување на концесија за геолошки истражувања која во рок од 15 дена ќе донесе решение за доделување на концесија. 

-Што значи ова дека Министерството за економија водено од кадар на ДУИ, по никакви критериуми, по сопствен избор, ќе предложи до Владата каде што претседател на Управувачки комитет е повторно кадар на ДУИ и сето тоа согласно закон предложен од пратеници на ДУИ. Па ова ако не е корупција не знам што е, рече Стојановски. 

Пратеникот на ДУИ Фазли Бедри реплицираше дека ако има елементи на корупција треба да се пријави. -Ќе видиме тогаш каде е корупцијата, рече пратеникот од ДУИ. 

На измените на Законот за минерални суровини се поднесени четири амандмани, од кои два од ВМРО-ДПМНЕ и два од пратеникот Љупчо Балковски од ВМРО-НП.