Македонија
24. јуни 2018 - 16:00

Османи за „Realnews“: Недобивањето датум од ЕУ може да има последици врз Договорот

Недобивањето датум за пристапни преговори со ЕУ, би предизвикало разочарување, но и последици врз имплементацијата на Договорот и врз исходот од референдумот, смета вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи.

Во интервју за денешното издание на грчкиот весник „Realnews“, Османи вели дека доколку на претстојниот Самит на ЕУ не се донесе одлука за почеток на пристапни преговори ќе се разочараат сите што учествуваа во процесот и од двете страни, но, „уште поважно е разочарувањето што ќе се создаде кај политичките сили кои позитивно го третираа договорот и во двете земји“. 

- Сигурно ќе биде огромно уназадување во врска со дополнителното имплементирање на договорот, ставајќи го во опасност исходот од референдумот и дополнително ќе ја ризикува поддршката за предвидените уставни промени итн. Нашата земја е важен партнер за ЕУ во областите како што се безбедноста, управувањето со мигрантската криза и справување со терористичките закани, а задоцнувањето на европската перспектива може да предизвика едно огромно назадување и во овие области, вели Османи.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, вицепремиерот за евроинтеграции, запрашан за референдумот, вели дека и тој е поврзан со европската интеграција на земјата, но е убеден дека ќе има успех.

- Постои силна динамика за да имаме огромен, и би сакал да додадам, убедлив успех на референдумот на есен. Сепак, сите инволвирани страни, нашите соседи, земјите членки на ЕУ, НАТО, треба да останат на позитивната патека и да ја потврдат интегративната перспектива на земјата во ЕУ и НАТО што е во корелација со волјата на изборното тело и е најсилниот застапник на успехот на референдумот, објаснува вицепремиерот во интервјуто за грчкиот весник. 

Во однос на ставот на ВМРО-ДПМНЕ, веројатноста опозицијата да има промена на позицијата и сценариото за предвремени парламентарни избори, Османи вели дека за ДУИ изборите би имале позитивен резултат во однос на парламентарната моќ, но се малку очекуван чекор во однос на успешната интеграција во ЕУ и НАТО.

- Ние, како Влада и политичко мнозинство, имаме волја и решителност да ги преземеме сите неопходни политички одлуки и да ги направиме чекорите што се поврзани со успехот на процесот. Сигурни сме дека волјата на мнозинството од народот ќе влијае врз однесувањето на мнозинството пратеници, што ќе гласа во интерес на народот и на земјата, вели вицепремиерот, пренесе МИА.

Османи вели дека имплементацијата на Договорот ќе има позитивно влијание врз двете земји и изразува надеж дека „Грција ќе стане нашиот најголем сојузник, нашиот најголем поддржувач за интеграција на нашата земја во ЕУ и НАТО“. 

- По Договорот, искрено се надевам дека двете држави ќе започнат да градат атмосфера на добрососедство, која очекувам на секој начин да се прошири на народите од двете земји. Освен тоа, сигурен сум дека ќе има важен напредок во двете економии во однос на зголемувањето на трговијата, на инвестициите, туризмот итн, објаснува Бујар Османи во интервјуто за „Realnews“.