Македонија
18. September 2019 - 15:12

Османи: Оптимист сум дека на 15 октомври ќе почнеме преговори

Вицепремиерот Бујар Османи, како што вели, е сериозен оптимист и очекува дека „на 15 октомври ќе започнеме преговори со Европската унија“.

Дваесет и седум дена не делат од големата одлука, рече Османи, посочувајќи дека членовите на Владата се растрчани по земјите – членки за да ја презентираат уште еднаш нашата приказна за добивање на датум.

– Моите информации коишто очекувам утре да ги потврдам во Берлин се дека Бундестагот на 26-ти ќе даде, ќе ја одобри препораката на Комисијата за почнување на преговори без никакви условувања за Република Северна Македонија и тоа е силна порака до сите земји-членки. Сметам дека тоа ќе биде исто така користено како одлука за другите земји-членки, ќе ја продолжам посетата во другите држави вклучувајќи ја и Франција за да видиме евентуално каде и да има скептицизам ова прашање аргументирано да го сузбиеме, односно да го елиминираме тој скептицизам, рече вицепремиерот.

Според Османи, има интензивна комуникација меѓу преговарачките тимови во врска со законот за јавното обвинителство и потенцира дека е оптимист оти ќе биде донесен овој закон, со што ќе се инкорпорира СЈО во Јавното обвинителство.

Новиот закон за јавно обвинителство, според вицепремиерот, е сериозно очекување од многу земји членки што ќе влијае на одлуката за започнување на преговори, така што за нас, вели тој, тоа е сериозна работа посебно за него којшто го води овој процес и смета дека треба да го донесеме овој закон.

– Донесување на законот значи постигнување на компромис со опозицијата, односно општествен и државен консензус по многу сензитивни прашања. Со тоа испраќаме двојна порака, не само дека ги решаваме прашањата на Обвинителството, туку испраќаме порака до Брисел дека нашата намера да продолжиме со реформите кон ЕУ не се епизодни, туку се државна посветеност. Кој и да е утре на власт ќе продолжи со таа реформска агенда. Мислам дека е тоа порака сама по себе, рече Османи.

Според него, треба да има обвинителство кое ќе се занимава со висока корупција и ниту еден случај на СЈО односно од прислушуваните разговори да не исчезне од кои било причини, туку да се расветли во процедура.

– Има интензивна комуникација, секојдневна во различни форми и телефонски, преку состанувања на помали и поголеми групи, бидејќи сите сфаќаме дека евентуалниот неуспех во октомври делумно ќе биде поради непостигнување на консензус. Не верувам дека има политичар во оваа држава или партија што ќе дозволат да им биде на товар пропуштање на историска можност, рече Османи.

Доколку ја пропуштиме оваа можност, вели вицепремиерот, тешко дека ќе добиеме нова во наредниот период.

Османи е оптимист дека ќе биде донесен законот за јавно обвинителство и според него, веќе се работи само за одредени технички и формални прашања, а не суштински.