Македонија
5. March 2021 - 13:01

Османи: Нема да дозволиме некој да прави кампања дека државата прави притисок на кој било граѓанин заради етничката припадност

Државата ги штити индивидуалните и колективните права и нема да дозволиме, дали поради изборна агенда, дали поради билатерални разлики, некој да ја прикаже државата дека ограничува индивидуални или колективни права. Немаме никаква резерва да ги прикажеме граѓаните така како што се презентираат и не смееме да дозволиме некој да прави кампања дека државата прави притисок, репресија на кој било граѓанин заради својата етничка припадност.

Ова денеска го изјави шефот на дипломатијата Бујар Османи, појаснувајќи ја неговата изјава дека нема резерви Бугарите во Македонија да бидат споменати во Уставот како посебна етничка заедница. Тој синоќа кажа дека Бугарите во земјава треба да се чувствуваат како слободни граѓани кои може да се организираат како колективна заедница, и ќе ги имаат сите права, па ако треба и нивно споменување во Уставот.

-Последните изјави од страна на Бугарија се повеќе ставаат акцент на некаков факт дека Македонија врши репресија и непочитување на правата на граѓаните од бугарско етничко потекло. Македонија ако за нешто може да се пофали и се гордее во светот е за степенот на почитување на индивидуалните и на колективните права на заедниците, на мултиетничкиот карактер на државата. Тоа е нашата гордост и слика во светот по којашто сме препознаени. И мојата порака беше дека доколку има било какви информации дека било кој граѓанин во Македонија не може да се определи заради тоа што државата прави притисок, нека го каже тоа јавно затоа што ние како држава гарантираме дека тоа не смее да се случи, и нема да се случи, рече денеска Османи.

Повтори дека има подготвеност за разговор со граѓаните и здруженијата кои мислат дека им се ограничени некакви права. -Оттука беше мојот повик како реакција на тоа што се случи во Софија, со претседателот на државата и повикот на специјалните служби, рече Османи, појаснувајќи дека тоа што го кажал е обид да се демантираат ставовите дека државата ограничува индивидуални или колективни права на било која етничка заедница.

-Ако забелешките се, дека поради тоа што бугарската етничка заедница како посебна заедница во државата, поради тоа што не се споменати во Уставот, при прикажување на резултатите од пописот, се ставаат во категорија останати, додека само тие што се споменати во Уставот се презентираат нивните проценти, воопшто немаме никаква резерва да се прикажат резултатите за секоја етничка заедница во државата, рече Османи по средбата верските лидери за активностите за сроведување на Пописот, на која присуствуваше и директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.

На новинарско прашање дали тоа значи дека треба да бидат вметнати во Уставот, Османи појасни дека може да се најде начин и технички како да се прикажат резултатите за сите етнички заедници во државата.

-Постои техничка можност да се прикажат за да не се добие впечаток дека нешто криеме. Немаме никаква резерва да ги прикажеме граѓаните така како што се презентираат, не смееме да дозволиме некој да прави кампања дека државата прави притисок, репресија на кој било граѓанин заради својата етничка припадност, рече Османи.

Повтори дека тоа прашање не е покренато во билатералните односи со Софија и оти не видел ниту интерес за покренување на такво нешто.

Во одговор на новинарско прашање зошто дозволува Бугарија да се меша во пописот и зошто досега немало реакција од нашето МНР, Османи со став дека нема да дозволи институцијата со која раководи да се вовлече во предизборната кампања во Бугарија.

-Прашањето на реакција сме го апсолвирале. Нашиот однос кон реакциите во јавноста беше мудар и ќе продолжи да биде мудар. Ние нема да дозволиме да се вовлечеме во внатрешно-политичката предизборна дебата во Бугарија. Ниту тоа им го советувам на моите колеги кои имаат каква било поврзаност со темата Бугарија. Во овој период не смееме да станеме дел од внатрешната изборна дебата таму. Продолжуваме да комуницираме со Бугарија, за секторската соработка, зборуваме за враќање на довербата и ќе продолжиме тоа да го правиме во целиот овој период, рече Османи.

Потсети дека пред неколку дена во Софија имал разговори со неговата бугарска колешка Екатерина Захариева на која разговарале за сите прашања.

-Разговаравме за тоа како ќе продолжиме да комуницираме, како да ја реализираме секторската соработка… Но нема да фозволам Министерството за надворешни работи да влезе во дневен политички изборен фолклор, ниту овде, ниту во Бугарија. Сметам дека тоа не е наш интерес, не е во интерес на билатералните односи, како и на решавањето на ова прашање. Мудро реагиравме досега, комуницираме преку институционални и дипломатски канали, ги кажуваме сите ставови. Во овој период ќе има многу такви креативни идеи чија цел е да го привлечат вниманието на јавноста, ние не смееме да ги храниме таквите идеи преку наше вклучување во нив, дециден е шефот на дипломатијата.