Македонија
1. July 2022 - 21:17

Османи и препорача на Владата да го прифати францускиот предлог

Министерството за надворешни работи ќе ѝ предложи на Владата да го прифати предлогот на Европската Унија за продолжување на македонските европски интеграции, бидејќи денешните консултации, според министерот Бујар Османи, минуваат во позитивна атмосфера.

„Различните групи и поединци се фокусираат на суштински прашања кои се важни за граѓаните и за идниот процес на преговори: македонскиот јазик ќе стане официјален јазик на Европската Унија, чисто формулиран и без ниту една забелешка или објаснување наведени во преговарачката рамка; протоколот, како и делот кој упатува на историските прашања, остануваат во сферата на билатералните односи и не се дел од Преговарачката рамка; oдобрувањето на овој предлог ќе значи одржување на првата Меѓувладина конференција, започнување на процесот на скрининг – суштинско отворање на преговорите во полн капацитет – и тоа веднаш!“, напиша Османи на Фејсбук.

Владата денеска покрај консултации со коалиционите партнери, детали од прдлогот анализираше со медимите и со невладиниот сектор.

Според Премиерот, шефот на дипломатија и вицепремиерот за евроинтеграции, модифицираниот предлог практично е европски предлог во кој дефинираат македонските цервени линии.

Македонскиот јазик во овој предлог е без какви било фусноти. Разликата од претходниот до овој предлог ја објаснуваат со тоа што унилатералните изјави на Бугарија и на Македонија во драфт верзијата се споменуваат во преговарачката рамка, што за Македонија не било целосно прифатливо. Сегашната верзија предвидува дека унилатералната изјава на Бугарија, а согласно тоа и на Македонија ќе бидат забележани во записникот од меѓувладината комисија и на ниту едно друго место. Министерот Османи вели дека цел на Македонија во преговорите со Брисел била не да ја убеди Бугарија поинаку да размислува за македонскиот јазик, туку да ја спречи нејзиниот став да го наметне во Унијата. Оваа сегашна позиција на Бугарија за јазикот е драстично различна од појдовната, која предвидувала Официјален јазик на Северна Македонија, па македонски согласно уставот. Третата позиција била фусноти на сите документи, последната ѕвездичка во преговарачката рамка.

Протоколот е втората клучна точка, која според Валдата сега не е дел од Преговарачката рамка. Бугарија сакала посебно поглавје за спорот, по искуството со Србија која има поглавје само за Косово, но тоа не било прифатено од наша страна. Потоа барале одредбите од Договорот за пријателство и соработка да бидат споменати како посебни услови, односно одредници по кои ќе се мери напредокот.  Во првичната верзија веднаш по Договорот со Бугарија како услов беше наведена и „имплементацијата на Протоколите“ од Меѓувладините состаноци. Во новата верзија Протоколите не се споменуваат, а на нивно место се наведуваат „годишни прегледи и мерки за ефективна имплементација според Членот 12“. Османи вели дека тоа се два сосема разлилчни документи.

Третата измена се однесува на тајмингот на стартот на преговорите. Со првиот предлог се предвидуваше со негово прифаќање формално да се одржи првата меѓувладина конференција, но дури откако ќе биде променет Уставот за „вклучување на Бугарите“, да се одржи втора меѓувладина конференција и тогаш да започнат преговорите со сите предвидени процеси. Со новиот предлог, преговорите почнуваат со одржувањето на првата меѓувладина конференција кога ќе стартува и процесот на скрининг и во кој период треба да бидат извршени промени на Уставот со кои во Преамбулата и во Амандманот 12, во делот каде покрај македонскиот народ се наведени припадниците на останатите народи што живеат во земјава би се додале и Хрватите, Црногорците и Бугарите. Со завршување на овие процеси по автоматизам ќе се одржи втората меѓувладина конференција и почнуваат преговорите по кластери.

Владата е убедена дека историските прашања остануваат само на билатерално ниво и Бугарија не ќе може да ги користи кога ќе се оценува прогресот на Македонија. 

Министерот за надворешни смета дека овој предлог не отстапува од резолуцијата во Собранието, но ако има потреба ќе оди и на собраниска расправа.