Осма Школа за млади лидери на претседателот Иванов
Вкупно 40 учесници и 22 предавачи од Македонија, Европската унија, САД и Кина, ќе бидат дел од Школата за млади лидери, што по иницијатива на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, годинава по осми пат ќе се одржи во Охрид, од 21 до 31 август.
Целта на школата, како што соопштија од неговиот кабинет, е да им се овозможи на младите, талентирани и иновативни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и лидерски способности, преку предавања и обуки од сферите на лидерството и менаџментот. И годинава школата е со меѓународен карактер, и на неа ќе учествуваат гости од регионот, но и пошироко.
Меѓу предавачите на годинашната Школа за млади лидери се поранешниот претседател на Албанија, Реџеп Меидани, главниот извршен директор на „ТАВ Аеродроми“, Сани Шенер, поранешниот претседател на Бугарската академија на науките, Стефан Воденичаров, деканот на колеџот Шварцман при Универзитетот Чингуа, Давид Пан, амбасадорот, Георг фон Хабсбург, професорот на Вартон Школата при Универзитетот во Пенсилванија, Ѓорѓија Петкоски, како и еден од водечките експерти за бизнис менаџмент и лидерство, Дејвид Голдсмит.
Предавања на школата ќе одржат и други истакнати поединци, лидери на успешни компании, и претставници на етаблирани институции од Македонија, Швајцарија, Норвешка, Австрија и други земји.
Годинашната Школа за млади лидери, исто како и минатогодишната, е поддржана од Фондацијата Алијанса на Цивилизациите.
Во изминатите седум години на школата учествуваа 280 млади луѓе и над 160 реномирани предавачи, меѓу кои Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, поранешните претседатели на Чешка и на Латвија, Вацлав Клаус и Ваира Вике - Фреиберга, поранешните претседатели на Србија, на Бугарија и на Албанија, Борис Тадиќ, Георги Прванов, Петар Стојанов и Бамир Топи, поранешниот потпретседател на Европската комисија и поранешен министер за надворешни работи на Италија, Франко Фратини, претседателите на Светската и на Европската академија на науките и уметностите, Иво Шлаус и Феликс Унгер, како и голем број амбасадори, функционери од Европската унија, директори на меѓународни институти и успешни бизнис компании и професори од реномирани светски универзитети.
Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, коешто низ семинари, панел дискусии, предавања и учества во младински настани, овозможува продолжување на развојот на нивните знаења и вештини.
Ново на Сител
-
Бројот на настрадани во поплавите во Шпанија се искачи на 224, најмногу жртви во Валенсија
-
Граѓаните да ги заменат возачките со старо уставно име заклучно со Нова година апелира Тошковски
-
Претседателот на Реал не е задоволен од Мбапе
-
Не ми требаат скапи работи и Мерцедеси | Бомбакис | Лабави муабети со Марко | Sitel Podcast 070
-
Фернандеш: Аморим ја врати возбудата во Манчестер Јунајтед
-
Ристовски ја најави првата поголема капитална инвестиција во спортската инфраструктура
-
Раниери се врати во Рома
-
Шефот на бразилската полиција: Нападот бил насочен кон судијата Алехандре Де Мораес