Македонија
12. October 2021 - 16:44

Организациите на Македонците во Бугарија бараат да запре дискриминацијата

Македонските организации во Бугарија со декларација побараа од Софија да запре со негирање, дискриминација и асимилација на македонското малцинство. Тие бараат измени во бугарскиот Устав со цел да се гарантираат правата на националните и етнички малцинства. Воедно ја повикуваат Софија да запре да ја уценува Р.Македонија и да ја деблокира нејзината евроинтеграција, повлекувајќи ги сите барања, кои не претставуваат дел од Копенхагенските критериуми.

Во декларацијата која е адресирана до сите странски амбасади и преставништва на меѓународни организации во Бугарија, се повикува ЕУ да не им дозволи на бугарските власти да го користат правото на вето за да ја остварат националистичката и шовинистичка агенда против правата на малцинствата наследена од времето на тоталитаризмот. Македонците од Бугарија  бараат реципроцитет во одоносите меѓу Македонија и Бугарија и взаемно почитување на малцинствата.

Македонските активисти од Бугарија го осудуваат и Скопје поради непринципиелната политика на компромиси и негрижата за своето малцинство во соседството. Тие ги повикуваат македонските власти да престанат со ваквата инфериорна позиција која води кон деградација не само на Македонците кои живеат во странство туку и на самата држава.

Декларацијата која ја потпишаа десетина македонски организации беше донесена на соборот по повод 143 години од Македонското Кресненско востание.