Македонија
10. May 2016 - 19:25

Орден за заслуги на Италија за Канческа-Милевска

Италијанскиот амбасадор во Македонија Ернесто Масимино Белели денеска на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и врачи „Орден за заслуги на Италијанската република“. 

- Канческа-Милевска го добива Орденот за нејзините посебни заслуги, за придонесот и интересот да ни помогне во заемно ширење на нашите култури. Исто така и за особени заслуги во билатералната соработка и во областа на културата. Италија го негува ова призание со голема чест и заложба, рече  Белели, додавајќи дека високото признание е од италијанскиот претседател, кое се доделува на функционери.

Белели потсети на реализираните проекти меѓу Македонија и Италија во културата, како познатата колекција на мозаици од Равена. Најави дека наскоро ќе ја потпишат четвртата програма за соработка во културата, образованието и науката. 

Орденот, како што рече Канчевска-Милевска, е поздравување и охрабрување на сите мои заложби и резултати со кои како министер за култура настојував да дадам свој придонес во развојот на македонската култура, пред се во нејзина промоција и афирмација во светски рамки.

- Орденот од Италијанската република е валоризација на бројните проекти од областа на културата, кои ги реализиравме во изминатиот период во сите дејности од областа на културата, особено во меѓународната соработка. Ова е признание кое нашиот труд го прави исклучителен, забележан, верификуван и награден. Можеме да се гордееме со сето она што успеавме како држава да го постигнеме во насока на заштита на културното наследство и стимулирање на творештвото, рече Канчевска-Милевска. Потенцира дека Италија е долгогодишен пријател и поддржувач на Македонија и додаде оти негуваме меѓусебна доверба.

Министерката за култура потсети дека во Македонија се проследени многу изложби, концерти и други културни настани на кои се претставија голем број италијански уметници и ансамбли, а македонските уметници и институти се претставија во Италија.

Канческа-Милевска признанието им го посвети на сите оние кои, како што рече, токму со своите дела градт стабилна и перспективна иднина на Република Македонија, градат општество во кое културата секогаш ќе биде највисоката и најзначајната вредност.