Македонија
23. November 2018 - 16:30

Орбан: Груевски е сојузник, а со сојузниците треба да бидеме чесни

Унгарските власти ќе ја гарантираат безбедноста на Груевски кој  во Македонија се соочува со комплицирани судски битки, вели унгарскиот премиер за радио Кошут. Во првото интервју по одобреното барање за азил на Груевски, Орбан потенцира дека според негови сознанија, организациите на Џорџ Сорос директно стојат зад прогонот на поранешниот македонски премиер.

Унгарија веќе 30 години функционира како демократија, и ова не е прв пат да прима важни луѓе, но претходните случаи немале тежина како тој на Груевски. Станува збор за поранешен лидер на блиска земја, земја која имаше клучна улога за справување со нелегалната миграција. Без таа помош ќе беше многу потешко да се одбранат унгарските граници, Човек треба чесно да се однесува кон своите сојузници, рече Орбан,

Истражните органи во земјава пак се уште утврдуваат како Груевски ги минал државните граници со лична карта. За пропустите во безбедносниот систем предистражна постапка води и Обвинителството за организиран криминал и корупција. По прибавените докази, предистрагата ќе треба да утврди евентуална одговорност кај полицијата, специјалното обивинителсто или кривичниот суд.

Поради добиениот азил во Унгарија, СЈО и денеска побара а судот одобри на Груевски да му се суди во отсуство и за предметот Титаник. Обвинетите во овој процес, поранешните функционери Миле Јанакиевски и Кирил Божиновски пак во понеделник на јавна седница ќе бараат Апелација да ги укине мерките притвор, кои пред 10-тина дена им беа определени поради опасност од бегство.

Од второстепениот суд информираат дека жалбите за 30-дневниот притвор на поранешниот директор на УБК се уште не се пристигнати. Неговите адвокати бараат соочување со аргументите на СЈО на јавна седница, но засега нема закажан термин.

Деспина Тодоровска Сител ТВ