Македонија
15. November 2016 - 13:38

Општина Делчево доделува 24 стипендии за ученици и студенти

Општина Делчево ќе додели 24 стипендии за ученици и студенти кои студираат на државните универзитети во земјава за што во вкупниот буџет на општината за 2017 година се планирани 378 илјади денари.

Како што истакна раководителката на Одделението за правни и општи работи при општина Делчево Сузана Петровска, општината во континуитет од девет години доделува стипендии за одличните ученици кои учат во СОУ „М.М. Брицо“ во Делчево и за студенти кои студираат на државните универзитети во Македонија.

- Годинава ќе доделиме 12 стипендии за ученици и 12 стипендии за студенти. Износот на стипендиите е 1000 денари месечно за учениците и 2000 денари за студентите, како и 3500 денари за студентите кои покажале особено висок успех во студирањето, а овие средства ќе се доделуваат за период од девет месеци во годината. Исто така, општина Делчево доделува и три стипендии од по 2000 денари месечно за првенците на генерацијата во трите општински училишта во градот ООУ „Ванчо Прке“, ООУ „Св.Климент Охридски“ и СОУ „М.М.Брицо Делчево“, рече Петровска.

Потенцираше дека  стипендиите се доделуваат со цел да се стимулираат ученици и студентите да постигнуваат поголеми успеси во учењето.

- Ние сакаме со овие стипендии да ги мотивираме учениците да го продолжат своето школување во нашето средно училиште, бидејќи знаеме дека од година во година се соочуваме со проблемот на запишување на учениците во средните училишта во поголемите градови во државата и секако, да го помогнеме семејниот буџет на учениците и студентите, рече Петровска.

Конкурсот на кој ќе можат да аплицираат учениците и студентите ќе биде објавен наредната недела.