Македонија
1. April 2022 - 9:53

Општина Аеродром ќе добие нов парк од 5.700 метри квадратни

Општина Аеродром ќе добие нов парк од 5.700 квадратни метри во Реонски центар Аеродром, значаен придонес во неговата изведба и уредување ќе биде обезбеден од  Шведска, а ќе го спроведе канцеларијата на УНДП, информираат од општината.

Оттаму истакнуваат дека Шведска претставува најголем билатерален донатор меѓу ЕУ-земјите во нашата држава.

-Во посета на Аеродром вчера беше шведската амбасадорка Кристин Форсгрен Бенгтсон, која заедно со градоначалникот Тимчо Муцунски направија прошетка низ општината и обиколка на локацијата на која ќе биде поставен овој парк. Градоначалникот Муцунски на амбасадорката ѝ презентираше некои од врвните приоритети за развој на општината во наредниот период, меѓу кои највисоко место зазема и заложбата за чиста и здрава животна средина, се наведува во соопштението.

Како што потенцираат, предвидениот парк се наоѓа на локација на која до неодамна биле предвидени градежни маркици за изградба на станбени објекти, а по иницијатива на градоначалникот се пренаменети во парк кој ќе зафаќа површина од 5.700 метри квадратни.