Општата болница – Кочани се соочува со недостиг од персонал, лекари од Скопје ја почнаа евалуацијата на повредените
Првиот тим од лекари специјалисти од Скопје, како што претходно беше најавено од Министерството за здравство, денеска дојдоа на помош на своите колеги во Општата болница со проширена дејност во Кочани.
Лекарите од Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хиругија, КАРИЛ, ГОБ „8 Септември”, болницата „Св. Наум Охридски“ и Клиниката за токсикологија ќе ја спроведуваат евалуацијата на здравствената состојба на повредените од пожарот во клубот „Пулс“, за да се утврдат потребите за лекување и помагала. Претходно од Фондот за здравствено осигурување беше упатен повик до сите повредени, до крајот на оваа недела, да се јават во кочанската болница за да бидат вклучени во евалуацијата.
Од Општата болница информираа дека најголем проблем им е недостигот од здравствен персонал, главно медицински сестри, а постојниот е преоптоварен со интервенции по трагедијата од пред два месеца.
- Голем број медицински сестри заминаа во пензија, а овие што ги имаме се овде, остануваат и по работното време во зависност од потребите на пациентите, но едноставно се преморени. Потребни се најмалку уште еден до два тима за медицинска рехабилитација. Реквизити за физикална терапија и друг третман добиваме, но нема кадар додека ќе трае рехабилитацијата, со оглед што таа нема да заврши за десетина дена. Морам да го споменам и психолошкиот момент, треба да се охрабрат пациентите да се јавуваат кај психијатар и психолог, затоа што таква помош им е потребна на сите, вклучувајќи ги и здравствените работници, но тоа сѐ уште е табу тема кај нас, истакна Кристина Серафимова, директорка на Општата болница – Кочани.
Во функција наскоро ќе се стави и хипербарната комора, за која се чека двајца здравствени работници да добијат соодветен сертификат за ракување.
-Тие се на обука и очекуваме да се вратат, но за користење на хипербарната комора, односно кои пациенти ќе бидат подложени, одлука треба да донесат лекарите кои го вршат третманот, без разлика дали е хируршки или физикален. Притоа е вклучен и специјалист интернист за да се провери дали повредениот може да влезе во комората, додава Серафимова.
Во моментот 40 пациенти добиваат физикална терапија, а уште 70 повредени со изгореници секојдневно доаѓаат на преврски во болницата во Кочани.
Ново на Сител
-
Тема на денот со аналитичарот Милан Стефаноски
-
Судење за екс директорот на затворот во Шутка, Филип Андов
-
Му пишале казна бидејќи фрлил ѓубре до контејнер, а контејнерот бил преполн со смет
-
Влада: Успешно завршени три од осум арбитражни постапки
-
Синдикалната кошница во август 65.500 денари, најмногу поскапела храната
-
Влада: ДУИ кога е на власт работи на еден начин, а во опозиција бара нешто друго за она што го направиле во минатото
-
Само 1.916 пријавени службени возила од 6.500 - институциите не ги пријавиле сите во рокот
-
Русија ги намали очекувањата за скорешна средба Путин - Зеленски