Македонија
12. May 2023 - 12:24

Опожарениот мост на Вардар целосно затворен за сообраќај

Градот Скопје по синоќешниот пожар донесе одлука да се затвори сообраќајот за сите моторни возила на мостот што ги поврзува Железничката станица и Ист гејт молот, а од пред неколку минути и за целосно затворање на мостот и за движење на пешаци се додека не се утврдат точните штети од пожарот, информира директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов.

Како што нагласи на денешната прес-конференција, тим формиран од Градот Скопје веќе работи на утврдување на штетите. На местото на настанот излегле и експерти и универзитетски професори од повеќе области кои при првичниот увид не биле сигурни колкава е штетата.

-Мостот ќе остане затворен се додека Градот Скопје не добие информации дека може да биде отворен, но верувам дека ќе биде отворен дури по неговата санација доколку воопшто биде можна. Штетата дополнително ќе биде утврдена, рече Ангелов.

Нагласи дека ќе биде забрането движење на пешаци, велосипеди, скутери и на рекреативци под мостот, односно на деловите од патеките на кејот под мостот заради опасност од паѓање на бетонски парчиња од заштитната бетонска облога на мостот. Кејот ќе може да се користи со заобиколување на мостот и додаде дека има услови за тоа од двете страни на Вардар.

За причините за појава на пожарот на мостот, како што посочи, ќе се произнесе МВР кое во моментов врши увид.

-Верувам дека стручните лица од МВР ќе ги откријат причините кои го предизвикаа пожарот. Едната можност е електричен спој на високонапонските кабли што е многу малку веројатно, а втората е човечки фактор, бидејќи од она што можевме да го видиме е дека има некакви душеци и ќебиња што дека под мостот престојувале луѓе, истакна Ангелов.

Посочи дека синоќа околу полноќ до Центарот за управување со кризи стигнала информација за голем пожар под мостот на реката Вардар помеѓу Железничката станица и Ист гејт.

-Од страна на Противпожарната бригада на Град Скопје веднаш е излезено на терен но пожарникарите не смееја да започнат со интервенција поради немање доволно информации какви инсталации минуваат под мостот. Од страна на ЦУК беше стапено во контакт со сите надлежни институции и откако беше утврдено дека нема опасност по животите на пожарникарите целосно беше исклучена електричната енергија од мостот и се почна со гаснење, рече Ангелов.

Тој посочи дека пожарот беше ставен под контрола околу два часот изутрина, а целосно беше изгаснат во четири часот.

-Температурата која се разви од обвивката на цевководите под мостот според почетните информации можеби надмина 1.000 степени Целзиусови. Од високата температура дојде до пукање на заштитниот бетон со кој е намачкан мостот од долната страна и постои опасност за штета на арматурата на мостот. Дури и утрово асфалтот на мостот беше топол, појасни Ангелов.